Проект за реконструкција: Каков ќе биде новиот изглед на Универзална сала?

од Nikola Popovski

Универзална беше е и очигледно останува омилена културна институција на многумина скопјани. За мене тоа е доволна причина и мотив за повторно отварање на нејзините врати, рече денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Универзална сала објектот ќе го задржи својот автентичен изглед, а очекувањата се градежните активности да почнат во мај, при што за проектот Владата издвои 120 милиони денари.

Изведбениот проект за реконструкција е изработен од проектантското биро „Мегарон инженеринг“, а ќе му биде даден на Градот како донација, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Архитектот Бујар Муча на денешната презентација објасни дека проектот го поделиле на две фази – едната фаза е изработка на фасадата и на куполата, а во втората фаза ќе предложат решение за функционалноста на објектот, односно реконструкцијата и реорганизацијата на внатрешниот простор.

„Со проектот ќе се задржи постојната форма и габарит односно се зачувува духот на Универзална сала. Се прави внатрешна реорганизација на просторот и ќе се употребат нови материјали на фасадата за таа да биде енергетски-ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита. Со решението ќе го решиме и најгорливиот проблем на Универзална сала, немањето на фоаје. Ќе ги префрламе санитариите и на сметка на тоа се зголемува фоајето“, рече Муча.

Ќе има и нов распоред на седиштата кои сега се тесно поставени односно ќе се намали бројот од 1.500 на 1.100 или 1.200. Куполата ќе биде зголемeна и навечер осветлена.

„Го отвораме најранливото прашање, а тоа немањето фоаје, ги префрламе санитариите, ги правиме редовите покомотни, ги зачувуваме гремиорните и правиме реорганизација на просториите за вработените. Го задржуваме и објектот во рамки на постојниот габарит. Духот на Универзална сала е сочуван, промените се од аспект на промена на материјали, промена на некои проблематични делови, како на пример, зголемување на стреата напред кога се чека за влез и слично“, дополни Муча.

На прашањето за тоа како би се решила потребата од паркинг за возилата, Шилегов ја посочи катната гаража зад Универзалната сала.

„Со воведувањето на новиот современ јавен превоз голем број граѓани ќе ги користат него, а бидејќи објектот е во центарот на градот има и други начини како да се стаса на концерт“, рече Шилегов, кој додаде дека не се откажува од идејата за изградба на нова концертна сала на друга локација.

Слични содржини