Проф. Чаушевски: За очекување е цената на струјата од 1 јули да се зголеми за 10-20%

од Vladimir Zorba

Лична проценка на универзитетскиот професор Антон Чаушевски е дека од 1 јули, цената на електричната енергија ќе се покачи за 10- 20 %. Конечниот износ според него ќе претставува компромис помеѓу реалните потреби и барањата на енергетските компании и она што може да го поднесе нашето стопанство, граѓаните и правните субјекти. Како неосновани ги оценува обвинувањата на опозицијата според кои за ваквите покачувања единствено одговорна е власта.

„Основни причини  за поскапување на струјата е она што се случува на светските берзи на фосилни горива, порастот на цената на електричната енергија и фактот дека немаме домашни капацитети коишто ќе ги покријат нашите потреби. Не може да се изгради енергетски капацитет за 3-5 години, па оттука единствено што може да се настојува е да се ублажат ударите од оваа енергетска криза“, вели Чаушевски во разговор со „Локално“.

Во ситуација кога изградбата на гасниот терминал во Александрополи нема да заврши со 2025 година, треба да се преживеат овие три години, вели Чаушески, посочувајќи дека зесега немаме друга алтернатива освен рускиот гас, мазутот од ТЕЦ Неготино и јагленот.

Она што според него енергетските компании треба да го направат е да се обидат да се снабдат  со гас под поволни услови и да се набават потребни количини на мазут за да се обезбеди континуирана динамика на ископ на јаглен.Чаушевски го оправдува воведувањето на блок тарифите бидејќи на тој начин според него ќе се постигне праведност за сите.

Истече рокот до кој енергетските компании доставуваат барања за корекции на цената на електричната енергија. Какви се вашите очекувања, колку нивните барања ќе бидат  реални  и оправдани?

-Заклучно со 31 мај енергетските компании ги поднесуваат своите пресметки за трошоците и добивките за претходните шест месеци за да може да се направи цена за следните шест месеци. Според моите очеувања, сигурно е дека цената ќе порасне. Сведоци сме што се случува на енергетските берзи на електрична енергија. Ние сме увозно зависна земја, од увоз обезбедуваме 30-40% од потребната електрична енергија, така што за очекување е да порасне цената на струјата. Колку ќе биде тоа покачување? Секако дека ќе се бара некаков компромис меѓу реалните потреби и барања на енергетските компании и она што може да го поднесе нашето стопанство, односно нашето население и правните субјекти. Таков компромис е потребен за да не се создаде голем социјален и економски удар врз населението, граѓаните и правните стопански субјекти. Според мене, за очекување е покачување на цената на електричната енергија за 10- 20%.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски најави дека покачувањето на електричната енергија ќе биде над 10%, а причината ја лоцираше во злоупотребата на струјата од страна на неколку општини. Имате ли коментар на ваквата пракса?

-Не би го коментирал ова бидејќи немам податоци за општините, како тие работиле, за ситуацијата со уличното осветлување, за какви компании станува збор и од каде ја набавувале електричната енергија…Не можам да зборувам за овој дел заради тоа што немам никакви податоци.

Опозицијата неколкупати ја обвини власта дека таа е виновна за покачување на цената на електричната енергија. Колку има вистина во тоа, а колку се работи за гол политички популизам?

-Најлесно е да се обвинат претставниците на власта. Има две причини поради кои цената на струјата е покачена.Една е она што се случува на светските берзи на фосилни горива и порастот на цената на електрична енергија што е неминовно и не зависи од нас, а втората е тоа што немаме домашни капацитети   за да ги покријат нашите потреби( не се изградени во последните 30 години). Не може да се изгради енергетски капацитет за 3-5 години, па оттука во сегашната ситуација единствено што може да се настојува е да се ублажат ударите од оваа енергетска криза.

Во процес на изработка е новиот тарифник поврзан со потрошувачката на електрична енергија  и цената на чинење. Според првичните најави ќе има неколку групи  а најголемите потрошувачи ќе плаќааат поскапа електрична енергија.Дали овој модел може да даде позитивни ефекти?

-Воведувањето на блок-тарифи за тарифните потрошувачи, резиденцијалните потрошувачи, од првата и од втората група е направено заради заштита и на граѓаните и на енергетските компании, односно воведувањето на блок- тарифите е некаков начин да  се ублажат овие удари. Тоа го имаат воведено и соседните земји, но и некои други, и тоа  како еден вид заштита од негативните ефекти на енергетска криза.Тоа значи дека првата тарифа ( со најниска цена)  ќе се однесува на најпогодените граѓани, на оние кои трошат најмалку, додека тие што трошат повеќе електрична енергија би плаќале и повеќе. Станува збор за скалест блок тарифен модел (во зависност од групата во којашто припаѓате и колку трошите).

Дали го оправдувам или не?… Секако дека во оваа ситуација го оправдувам бидејќи на тој начин би се постигнало еднакво субвенционирање за  сите граѓани, односно нема да имаме ситуации во кои едните добиваат субвенција за потрошени 200 KWh, а другите за 2000 KWh,  за иста цена на чинење на електрична енергија. Првиот блок на овој начин ќе биде субвенциониран и ќе биде со најниска цена. Целта е на овој начин да се постигне праведност за сите во оваа енергетска криза.

Професор Антон Чаушевски

Професор Антон Чаушевски

Може ли нашата држава дополнително да спречи енермно покачување на цената на електрична енергија и како ?

-Државата на одреден начин спречува енормно покачување на струјата. Еве, последниот пат цената се зголеми за 10% а според очекувањата и новото покачување нема да биде драстично. Можеби зголемување од 50% би било пореално со оглед на енергетската состојба во регионот, во Европа и кај нас, меѓутоа се прави компромис помеѓу реалната состојба,потребите на енергетските компании и економската ситуација за да не се предизвика колапс кај стопанството. Веројатно Владата ќе помогне со субвенции –  со набавување на мазут, гас и други фосилни горива за нашите капацитети особено во зимскиот период кој следи.

Дали постои можност да се нормализира, па дури и да се зголеми домашното производство на електрична енергија? За полнење на акумулациите, зимава немаше доволно снег а пред нас е долго и сушно лето.

-Домашното производство, како и сите случувања на регионалниот пазар на електрична енергија ќе придонесат за масовна изградба на фотоволтаични системи, ветерни централи – ресурси кои ние природно ги имаме. Фотоволтаичните централи се нешто што може најбрзо да се изгради и што би имало најголем ефект во намалување на увозната зависност. Сега се менува и Правилникот за градба на фотоволтаични системи за правни субјекти коишто најавуваат дека поради високата цена на електричната енергија ќе инвестираат во инсталирање на вакви системи на покривите од своите објекти. Ова е нешто што ќе помогне, но само во периодот кога имаме сонце- од март до ноември. Зимскиот период е посебен и тогаш со поголема ангажираност ќе треба да се активираат и термоенергетските капацитети. Значи, фотоволтаичните системи ќе значат ублажување на проблемите и тое ако со одредена динамика се градат во следните 2-3 години, но ефектите ќе се почувствуваат после неколку години.

Србија направи договор со Русија за испорака на гас за следните 3 години по исклучително прифатлива цена. Дали за Македонија, терминалот Александрополи може да преставува соодветна алтернатива ?

-Изградбата на гасниот терминал во Александрополи нема да заврши до крајот на  2025 година.Треба да се преживеат овие 3 години.Сега засега немаме друга алтернатива освен рускиот гас, мазутот од ТЕЦ Неготино и јагленот.Нашите енергетски компании треба да се концетрираат, да се насочат кон снабдување на гас под поволни услови( руски гас или азербејџански преку Бугарија како единствена опција), да се набават потребни количини на мазут(околу 50.000- 100.000 тони) за да бидеме подготвени од 1 Ноември и да се обезбеди континуирана динамика на ископ на јаглен. Нашите домашни капацитети во Битола и Осломеј, Неготино и гасната централа треба да бидат подготвени за да обезбедиме гориво. Тоа е она што ни преостанува, немаме голем маневарски простор.

Каква есен не очекува? Што да ги советуваме граѓаните, дали да штедат, да се греат на дрва или да живеат на ефтина струја?

-Сите чекори коишто се превземат, а се административни или од страна на Регулаторната комисија се во насока да помогнат.Што да прават граѓаните, дали да се вратат на дрва? Па и цената на дрвата ќе се покачи, се зголеми и цената на пелетите од 200 на 300 денари за вреќа. Секогаш оди паралелно покачувањето на сите енергенси. Значи, немаме многу избор.Самите сметки ќе ги натераат граѓаните да бидат рационални. Некои ќе се одлучат за топлински пумпи, некои  за клима уреди кои се најекономични.Секако, не едноставно да се пренасочите на пример од греење на струја, на дрва или пак на пелети. За вакви промени се потребни инвестиции. За среќа имаме релативно благи зими, па затоа верувам дека состојбите нема да биде драматични.

К.В.С.

Слични содржини