Македонија мора да ги задоволи одредените критериуми за вооружување, бидејќи, штом сме членка на НАТО, мора да го исполниме сè што ќе ни биде наметнато – тоа е практичен дел од договорот. Сметам дека тука нема исклучоци, нема избор. А дали тоа ќе биде 2% од БДП или нешто помалку или повеќе – не можам да коментирам“ изјави за „Локално“ универзитетскиот професор и безбедносен експерт Злате Димовски.
Димовски смета дека учеството во различни сојузи и иницијативи не треба да се гледа како закана, туку како дел од регионална соработка и размена на искуства. Професорот Димовски смета дека е должност на Македонија да ги исполни условите кои ги има согласно договорот со НАТО за вооружување. Професорот нагласува дека со самото членство во НАТО, државата има одредено ниво на заштита од надворешни закани, но внатрешните ризици, како што вели, треба јасно да се идентификуваат и адресираат. На прашањето дали Македонија издвојува 2% од БДП за одбраната, Димовски вели дека не може да прецизира, но додава дека процентот ќе зависи од динамиката на реформите и приоритетите на државата
„Јас сметам дека, во ситуација кога сме членка на НАТО, не би требало да избираме некоја посебна страна во сојузите. Тоа што го прават Хрватска и Албанија – вклучувањето во одреден сојуз – е во функција на размена на техника, знаење или искуства, и не би го квалификувал тој сојуз како здружување против нашата држава или било која друга држава во опкружувањето.Сметам дека, со самото членство во НАТО, до одреден степен сме заштитени кога станува збор за надворешни напади, но внатрешните непријатели треба јасно да се идентификуваат. Македонија мора да ги задоволи одредените критериуми за вооружување, бидејќи, штом сме членка на НАТО, мора да го исполниме сè што ќе ни биде наметнато – тоа е практичен дел од договорот. Сметам дека тука нема исклучоци, нема избор. А дали тоа ќе биде 2% од БДП или нешто помалку или повеќе – не можам да коментирам“ потенцира Димовски.

Проф д-р Злате Димовски
Димовски го потенцира фактот дека со исклучок на Косово и Србија, сите држави од опкружувањето се дел од НАТО, и тоа, според него, значително го намалува ризикот од воен конфликт. Димовски потенцираше дека постојат и други форми на закани кои не можат да бидат целосно спречени од страна на Алијансата. Тој посочи дека токму затоа е особено важно да постои интензивна размена на информации, искуства и добивање конкретни насоки за постапување.
„Со исклучок на Косово и Србија, сите држави околу нас се дел од НАТО, и сметам дека немаме отворен конфликт кој би можел да кулминира со било какво воено делување. Од тој аспект, ценам дека НАТО може да ја одржува ситуацијата под контрола. Сепак, мора да имаме предвид дека НАТО не може да влијае на дејствувањето на разни разузнавачки служби кои оперираат внатрешно, како и против различни терористички и екстремистички групи, или поединци со радикални идеологии кои доаѓаат и се враќаат во државата, а имаат планови за екстремистичко или терористичко делување. Во тој дел, НАТО не може многу да интервенира, иако размената на информации, искуства и добивањето насоки за постапување во одредени ситуации е од исклучителна важност“ смета Димовски
Димовски смета дека не може да се тврди оти Србија претставува доминантна воена сила во регионот. Тој посочи дека, иако големи количини оружје од поранешната ЈНА се концентрирани во Србија, станува збор за застарена технологија. Тој нагласи дека ова оружје, според него, е стар модел кој е несоодветен за современите безбедносни предизвици. Во однос на потенцијалните закани за Македонија, Димовски потенцираше дека не гледа директна опасност од страна на Србија.
„Не можеме да кажеме дека Србија е доминантна воена сила. Факт е дека големи количини оружје од поранешната ЈНА се концентрираа на нејзина територија, а Србија, условно кажано, стана правен наследник и го презеде тој арсенал. Сепак, станува збор за оружје кое, во денешни услови, е застарено и претставува стар модел. Претпоставувам дека Србија се вооружува со забрзано темпо, како и повеќето други држави. Ако некогаш верувавме дека во 21 век нема да се случуваат вакви трендови, реалноста покажува спротивното. Сепак, сметам дека Србија нема аспирации кон нашата држава. Што се однесува за други делувања, тоа спаѓа во рамки на внатрешната политика на секоја држава, која самостојно треба да ги процени ризиците и претпоставките“ дециден е Димовски.
Проф. д-р Злате Димовски смета дека глобална војна не е на хоризонтот, но сепак нагласи дека судири меѓу соседни држави и конфликти со терористички организации, како што е примерот со Израел, Хамас и Хезболах, ќе продолжат и понатаму. Димовски потенцираше дека некои фактори „едноставно сакаат да имаат конфликти на повеќе локации и од различни причини“. Тој објасни дека една од тие причини е веќе спомената – профитот, кој се остварува преку оружје, дрога и други криминални активности.
„Глобална војна, според мое мислење, не би се случила. Меѓутоа, судири меѓу соседни држави или конфликти со терористички организации – како што е примерот со Израел, Хамас и Хезболах – ќе продолжат и понатаму. Некои актери едноставно сакаат да имаат конфликти на повеќе локации и од различни причини. Една од тие причини е веќе спомената – профитот, било преку оружје, дрога или други криминални активности. Многу криминални организации имаат силна поддршка од екстремни поединци, кои, покрај иницирање на конфликт, сакаат тој да продолжи со цел да извлечат корист од него“ завршува Димовски.
Д.Ѓ