Проф. Иваноски: Дo кога Божиќ ќе биде во сенката на Нова година?

од Nikola Popovski
471 прегледи

Помина 31 година откако Републука Македонија се осамостои и излезе од политичкото идеолошко едноумие. Меѓутоа за жал сеуште ги трпиме последиците од наметнатите вредности за верата и тоа особено е изразено за време на божиќните празници. Социјализмот како идеологија јавно го прокламираше атеизмот како врвна вредност и одеше во насока на деградирање на верата и организираниот верски живот. За таа цел главните христијански празници кои датумски беа блиску до некои секуларни или идеолошки празници мораа да бидат минимизирани. Па така Велигден мораше да падне во втор план наспроти 1 и 2 мај кои беа неработни, а многу поизразено беше за Божиќ кој беше (за жал и остана) во сенката на Нова година. Особено во прилог на комунистичките власти им одеше неприфаќањето на поточниот грегоријански календар од страна на Македонската православна црква и поради тој факт и календарски Божиќ паѓа во втор план, после Нова година.

Но, да видиме како е во нормалните демократски и традиционално-христијански земји (како што би требала да биде и Македонија). Речиси сите цркви го прифатија грегоријански календар кој е поточен од јулијанскиот. Дури и државите кои се традиционално православни како Грција, Бугарија, Романија се адаптираа на грегоријанскиот календар и го прославуваат Божиќ на 25 декември. Од регионов единствено Српската православна црква сеуште се води по јулијанскиот календар и заедно со МПЦ го прославуваат Божиќ на 7 јануари.

Кај традиционално-христијанските земји Божиќ е во прв план и многу поважен ден од 1 јануари, не само дека календарски е пред Нова година туку се работи за прославување на вистински вредности. Божиќ е ден кога се отелотвори Бог и прифати да биде жртва за нас за секој еден кој ќе поверува во Него да има живот вечен. Сакале да признаеме или не по тоа копнее човештвото, отсекогаш се трагало по бесмртност, а наше е само да го прифатиме тој дар и нашиот идентитет продолжува да живее во вечен мир со Бог и по напуштањето на телото. Тоа е вредно да се прославува, а Нова година е премин од старата кон новата календарска година и ништо повеќе.

Кај традиционално-христијанските земји се кити Божиќна елка, а во Македонија новогодишна елка. Според некои податоци реформаторот на црквата Мартин Лутер прв почнал да кити Божиќна елка со свеќички. Елката е зимзелено дрво и ја симболизира вечноста на Бог.

Кај традиционално-христијанските земји ден пред Божиќ дечињата одат од врата до врата и пеат Божиќни песни и химни како „Тивка ноќ, света ноќ“, „О дојдете верни“ каде се навестува Христовото раѓање. Во Македонија дечињата ги научивме да пеат срамна и понижувачка песна што нема никаква поврзаност со Христовото раѓање. Песната „Коледе леде“ промовира несреќен случај (…паднало греде утепало деде) и семејно насилство (деде се мачи баба го квачи…), на какви ли вредности ги учиме најмалите? Може само да претпоставуваме колку ли се сладеле комунистите кога ја слушале оваа понижувачка песна која го понижувала Божиќ, но после толку децении време е да и кажеме доста!

Кај традиционално-христијанските земји најчесто вечерта пред Божиќ се делат подароци за децата, тоа е поттикнато од фактот што кога Исус се родил добил подароци од тројцата мудреци (Евангелие по Матеј 2:11). Во Македонија за жал остана комунистичката пракса на децата подароци да им се даваат за Нова година.

Кај традиционално-христијанските земји Божиќ е во фокусот, а во Македонија за жал Божиќ остана afterparty. Moжеби нешто ќе се промени ако се отфрли неточниот јулијански календар и Божиќ го прославуваме на 25 декември, како што тоа е пракса во најголемиот број христијански земји. Но, најмногу ќе се промени кога секој што се декларира за верник ќе започне да ја проучува Библијата, односно Новиот завет и ја открие суштината и значењето на Божиќ.

Дотогаш Нова година ќе биде центарот на нашата еуфорија, а Божиќ само уште еден неработен ден.

Проф. д-р Марјан Иваноски

Слични содржини