Новите антиковид мерки донесени од страна на Владата се спротивни на Уставот, на Законот за спречување и заштита од дискриминација и на меѓународните акти кои ја регулираат проблематиката на човековите права, особено во контекст на здравствените права, пишува проф. д-р Лазар Јовевски на својот Фејсбук профил.
-Препораката на Парламентарното собрание на Советот на Европа е сосема јасна: НИКОЈ не може да биде ДИСКРИМИНИРАН затоа што НЕ Е ВАКЦИНИРАН. Исто така Резулицијата 2361 од 28 јануари 2021 година во членот 731 вели: ′′Осигурајте се дека граѓаните се информирани дека вакцинацијата НЕ Е ЗАДОЛЖИТЕЛНА и дека НИКОЈ НЕ Е ПОД ПОЛИТИЧКИ, СОЦИЈАЛЕН ИЛИ ДРУГ ПРИТИСОК за да се вакцинира ако тој или таа не сака лично да го стори тоа′′.
Во таа смисла, и од аспект на домашните прописи, новите мерки за ограничувањето на движењето на невакцинираните граѓани се во директна спротивност со уставно загарантирано право на слободно движење, но и во спротивност со Законот за спречување и заштита од дискриминација во кој се забранува секаква дискриминација врз основа на здраствената состојба.
Законот децидно утврдува дека секое ограничување на правата и слободите со цел оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктура добра и услуги претставува дикриминација.
Оттука, новите антиковид мерки ги ограничуваат правата и слободите на граѓаните кои не се вакцинирани во поглед на слободата на движење и во поглед на пристапноста кон добрата и услугите.
Покрај тоа започнува процес на индиректна дискриминација на работните места, со елементи и на директна. Дел од работодавачите ги присилуваат вработените да се вакцинираат притоа користејќи различни „суптилни“ методи, што согласно членот 7 став 2 и 3 од Законот за работните односи ги има елементите на директна или индиректна дискриминација.
Ова е тест на зрелост за македонското општество, за владеење на правото, за гаранцијата на основните човекови права, а со тоа и за демократијата. Се надевам дека ќе положиме, иако прелеминарниот увид вели дека ќе биде потребено „дополнително полагање“, ама тогаш тоа ќе биде во „казнена“ сесија!, пишува Јовевски.