Трамп, сум на мисла дека има силни оправдувања, самиот на себе, како лидер на американската држава за ваквите потези. Да не заборавиме дека САД имаат долг од 36 трилиони долари со причина. Затоа, целите на неговата администрација се да разговара со многу земји, вклучително и со Кина (врз која, денес, тој уште еднаш ги зголеми царините на 125 отсто, откако таа денес им возврати на САД со царини од 84 отсто), за тоа како Американците да си ја подобрат состојбата на огромната задолженост во иднина. Како што можам да разберам од неговите изјави, Трамп тоа ќе го направи со поставување на фер договори со секоја земја, како што истакна, а ако со некоја земја не постигне фер договор за трговска размена, тогаш САД нема да соработува со истата, изјави за „Локално“ универзитетскиот професор и економист Синиша Наумоски. Тој потсетува дека Трамп завчера изјавил дека нема да ја прекине царинската политика, велејќи: „Не го разгледуваме тоа.“ Наумоски јасно кажува дека потегот на македонската држава – да не воведе реципрочна царина – бил „добар и единствено возможен“. Наумоски посочува дека целта на американската администрација е да разговара со низа земји, вклучително и со Кина, со која денес дојде до нова ескалација – откако Пекинг воведе царини од 84 отсто за американски производи, Трамп возврати со ново зголемување од дури 125 отсто. Според Наумоски, во најтесниот круг на Трамп преовладува убедувањето дека САД биле „измамени“ во изминатите децении од страна на повеќе меѓународни партнери. Проф. д-р Синиша Наумоски нагласува дека американскиот претседател не импровизира, туку свесно подготвува терен за билатерални договори. Наумоски смета дека ваквото однесување предизвикува таканаречен „WOW ефект“ – шок кој ги мобилизира и медиумите и партнерите. Тој објаснува дека оваа стратегија е дел од поширока филозофија на администрацијата во Вашингтон, каде преовладува ставот дека САД биле економски оштетени во минатото. Наумоски предупредува дека македонската економија може индиректно да биде погодена од трговските судири преку европскиот пазар. Наумоски нагласува дека македонската економија, како дел од европскиот економски простор, ќе ги почувствува индиректните последици доколку дојде до намалување на побарувачката или до нестабилност на европските пазари.
„Како стручна јавност, сме сведоци дека изминатата недела претседателот на САД, Доналд Трамп, воведе царини за повеќе земји со кои имаат трговска размена. Тоа не треба да не чуди и да преовладува изненаденост, затоа што таквата политика беше дел од неговата изборна програма и таа е добро обмислена претходна стратегија, која сега Трамп ја аплицира. Имено, завчера, тука во САД, претседателот Трамп изјави дека нема да ги паузира царините. Како што рече: „Не го разгледуваме тоа.“ Но, денес, претседателот објави дека ги суспендира царините на 90 дена за сите, освен за Кина. Оттука, веднаш финансиските пазари забележаа пораст, откако се објави паузата за 90 дена на царините, особено за земјите кои не направија одмазнички потег со реципрочни царини кон САД. Во портфолиото на пријателски земји спаѓаме и ние, Македонија. Што значи, добар и единствено возможен е потегот, завчера, за 0 отсто реципрочна царина за САД, кој го направи македонската држава. Но, ајде да одиме малку подлабоко во анализа, за да можам да дадам вистински одговор на Вашето прашање. Трамп, сум на мисла, дека има силни оправдувања самиот на себе, како лидер на американската држава, за ваквите потези. Да не заборавиме дека САД имаат долг од 36 трилиони долари со причина. Затоа, целите на неговата администрација се да разговара со многу земји, вклучително и со Кина (врз која денес тој уште еднаш ги зголеми царините на 125 отсто, откако таа денес им возврати на САД со царини од 84 отсто), за тоа како Американците да си ја подобрат состојбата на огромната задолженост во иднина. Како што можам да разберам од неговите изјави, Трамп тоа ќе го направи со поставување на фер договори со секоја земја, како што истакна, а ако со некоја земја не постигне фер договор за трговска размена, тогаш САД нема да соработува со истата. Во неговиот најтесен табор преовладува мислењето дека САД се измамени од многу земји во текот на изминативе години. Затоа нивното мото е: „Не може повеќе да го правиме ова. Ве молам, ајде да преговараме.“ Сега разбирате зошто Трамп вака се однесува. Првенствено, тој најавува потрес – „WOW ефект“ или „сече“ со мерките, а по ден-два олабавува или паузира. Имено, тоа го прави, според мене, за да остави простор (читај: прави терен за преговори кои ќе завршат во негова полза). Претприемачки потег, со цел – да си ги реализира своите цели преку билатерален „B2B“ состанок, типичен за бизнисмен. Според мене, а важно за македонските граѓани, сакам да напоменам дека ваквите потези на Трамп треба да се гледаат од две стојалишта. Едно е директното влијание врз македонската економија, каде нема да има високи ризици, додека, пак, другото или второ стојалиште е индиректното влијание врз нашата економија, а тоа е преку ЕУ (кое треба повеќе да не загрижува),“ изјави Наумоски.
Наумоски потенцира дека Македонија мора да размисли за диверзификација на економската соработка поради заострените царински односи меѓу САД и ЕУ. Тој нагласува дека токму тука треба да се подигне нивото на подготвеност и да се размислува за нови насоки во економската дипломатија. Наумоски е дециден дека македонската економија се соочува со сериозни индиректни ризици поради најновата ескалација во трговските односи меѓу САД и Европската Унија. Особено, како што нагласува, треба да нè загрижува тесната економска поврзаност со германскиот пазар. Наумоски нагласува дека Македонија нема простор за самозадоволство, туку треба стратешки да размислува и да дејствува проактивно. Наумоски укажува дека токму Германија е најголем трговски партнер на Македонија – факт кој според него може да прерасне во економска ранливост ако се продлабочат царинските мерки. Наумоски е дециден дека воведувањето на новата американска тарифна формула не треба да се гледа низ призмата на загриженост или закана, туку како шанса за ре-калибрирање на трговските односи меѓу двете земји. Професорот нагласува дека со усовршување на пристапот и подобра примена на формулата, може да се обезбеди заштита на интересите и на САД и на Македонија, без непотребно оптоварување на македонската економија. Наумоски истакнува дека САД е најголем стратешки партнер на Македонија.
Наумоски дава детална и стручна анализа која е формулата што САД ја користи при пресметка на реципрочните царини. Наумоски нагласува дека иако е технички прецизна, оваа формула може да доведе до нерамномерни царински стапки кај земји со помал обем на трговија – особено кога постојат недоследности во статистичките податоци. Наумоски е дециден дека ова несогласување мора да се адресира билатерално и во најбрз можен рок.
“Од тука, од САД, каде сум на краток деловен престој, сакам да упатам една порака до македонските граѓани: со директната загриженост, ние не треба да гледаме кон воведувањето на царините од САД кон Македонија. Зошто? Новата американска тарифна формула претставува можност за ре-калибрирање на трговските односи со Македонија. Тоа подразбира усовршување на пристапот при употреба на формулата за пресметка на реципрочните царини од страна на двете земји (мислам на САД и Македонија), со цел ние, како земја, да сме сигурни дека реципрочните трговски практики ги штитат американските интереси без ненамерно оптоварување на пазарите во развој, кои се политички и економски усогласени со САД (читај: македонскиот пазар). Да не заборавиме, сепак, САД е наш најголем стратешки партнер. Затоа, од ова незагрижувачко стојалиште, може да се гледа на ваквата состојба како можност САД и Македонија повторно да ги разгледаат трговските практики, да ги зајакнат економските врски и да ги модернизираат тарифните механизми за заедничка корист. За да го поткрепам ова, треба да имаме разбирање на формулата и како тоа влијае врз македонската економија. Имено, реципрочниот тарифен механизам применува формула заснована на билатерални трговски биланси, и тоа: Тарифна стапка (процент) = (Трговски дефицит на САД / Увоз на САД од земја) ÷ 2, со минимален тарифен праг од 10 отсто. Иако е јасна, формулата може да донесе големи царински стапки за земји со помал обем на трговија, особено кога постојат недоследности на податоците помеѓу изворите на САД и земјите партнери. Случајот со Македонија е таков. Ако направам анализа за трговската слика помеѓу Македонија и САД, тоа некако вака би изгледало: официјалните податоци од двете земји велат дека има несовпаѓање во податоците за трговијата. Оттука, ако се погледне во македонските официјални бројки, ќе се види дека Македонија има трговски дефицит со САД во износ од 77,7 милиони долари и царина од 33 отсто. Од друга страна, податоците од САД говорат дека САД има суфицит од 113 милиони евра и 0 отсто царина. За двете земји, клучни сектори за трговската размена се: автобуси, тутун и електрични компоненти. Според нашата официјална статистика, во 2022 година македонскиот извоз кон САД бил 85,9 милиони долари, во 2023 година паднал на 53,7 милиони долари, а во 2024 година се качил на 118,2 милиони долари. Годинава, за јануари, се движиме на нешто под 22 милиони долари, што покажува дека од вкупниот извоз на Македонија, оној кон САД е маргинален. Препорака: билатерално усогласување на податоците за да се обезбеди правична примена,“ дециден е Наумоски.
Проф. д-р Синиша Наумоски нагласува дека Македонија не смее да зема страна против САД, бидејќи тие се клучен поддржувач за опстанокот на земјата. Наумоски нагласува дека Македонија мора активно да ги постави своите политики во соработка со традиционалните стратешки партнери – Европската Унија и Соединетите Американски Држави. Наумоски потенцира дека двојната игра не е решение за Македонија и изразува поддршка за локалните производи. Тој истакнува дека светот влегува во де-глобализација и повикува на подготвеност за оваа промена.
„Решение за глобалните поместувања и новата состојба во која влегува светот, а тоа е економска војна преку т.н. современо „оружје“ царини, Македонија мора да го бара во поставување на политиките, економски, со нашите традиционални стратешки партнери. Тоа се ЕУ и САД. Нема поинакво решение. Ние мора да се држиме на европскиот пат, заедно со Германија, но никако не смееме да земаме страна против САД. Тие се наш најголем поддржувач за опстанокот на земјата. Двојна игра се вика тоа. Секако, да, јас сум поддржувач на политиката за купување на македонски производи. Тоа ја јакне домашната економија. Неодамна реков на еден подкаст: Светот влегува во де-глобализација. Ние треба да сме спремни за тоа. Затоа, да се фокусираме како економија на нашите компаративни предности, да почнеме да инвестираме во производство на храна и фабрики. Дома. Да се држиме обединети со нашите соседи и сите, како Балкан, да развиваме заеднички пазар,“ смета Наумоски.
Наумоски нагласува дека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува значителна надолна ревизија на прогнозите за глобален раст во 2025 година. Тој исто така укажува на ставот на ЕУ лидерството, кое ветува силен единствен одговор против американските царини, нагласувајќи дека постои загриженост за фрагментација на синџирите на снабдување. Според него, превирањата на берзите се изразени преку индексот на нестабилност (The Cboe Volatility Index), кој сега се искачи над 50. Наумоски потенцира дека е важно да се следат толкувањата на аналитичарите во САД, кои проценуваат дека постои дури 60 отсто веројатност за влез на земјата во рецесија во 2025 година, особено ако се реализираат т.н. одмаздувачки тарифи и ако состојбите продолжат да ескалираат. Тој објаснува дека во таков случај, може да дојде до супер притисок од страна на Федералните резерви (ФЕД) за брза и силна експанзивна монетарна политика, со многу ниски камати и бум во 2026 година.
„ММФ, во поглед на ваквите состојби во САД и нивното глобално влијание, ќе истакне дека во 2025 година се очекува надолна ревизија на прогнозите за глобален раст (кој сега изнесува 3,3 отсто), но нема да има брза рецесија. ЕУ лидерството, пак, ветува дека ќе заземе силен единствен став против американските царини, а при тоа предупредува на фрагментација на синџирите на снабдување. Тоа ќе биде состојба и во САД. Таму, состојбата на берзите е нестабилна. Тамошните превирања, ако може така да кажам, се изразени преку индексот на нестабилност (The Cboe Volatility Index), кој сега се искачи над 50, што се совпаѓа со оние состојби од времето на пандемијата со ковид-19. Важно за состојбите во американската економија е толкувањето на нивните аналитичари, кои даваат дури 60 отсто веројатност дека САД во 2025 година ќе влезат во рецесија, ако се реализираат т.н. одмаздувачки тарифи и состојбите ескалираат. Од ова можам да извлечам заклучок дека рецесијата на САД може да биде избрана стратегија, која самите ќе ја предизвикаат како дел од стратегијата на претседателот Трамп. Со тоа, може да се направи супер притисок од страна на ФЕД за многу брза и силна експанзивна монетарна политика, со многу ниски камати и бум во наредната 2026 година. Но, инфлацијата треба да биде во фокусот и силно под контрола. Останува да видиме. Јас сум на мисла дека нема економски аналитичар кој може да има јасни и точни проекции во овој момент,“ завршува Наумоски.
Д.Ѓ