Цената на златото на светките берзи расте поради зголемената побарувачка во услови на економска неизвесност. На зголемување на цената на златото влијаат многу глобални случувања, меѓу кои војната во Украина и на Блискиот Исток, американските царини, трговските тензии и економската несигурност.
Економските аналитичари очекуваат цената на златото да остане висока, а можеби и да достигне нови рекордни нивоа во наредниот период. Поради тоа, купувањето злато стануваат сигурна инвестиција за граѓаните кои имаат пари.
Со оглед на фактот дека Македонија има втора најголема резерва на злато на Балканот се поставува прашањето дали е време за продажба на дел од златото со цел да се обезбедат пари за инвестиции и да се намали задолжувањето на државата?
Економските експерти сметаат дека треба да се направат поопсежни анализи дали да се продава златото со оглед на тоа дека се очекува цената и понатаму да расте. Од друга страна, добро би било државата да го намали задолжувањето, бидејќи тие пари не одат за инвестиции, туку за избори.
-Растот на цената на златото е резултат на тоа што во светот владее хаос. И кога има војни, кризи…луѓето купуваат злато и други благородни метали за да си ги зачуваат парите. Тоа е светски тренд. Со оглед на тоа дека се очекува цената на златото и понатаму да расте треба да се види кои се опциите и да се направи анализа, а не одма да се продава, изјави за „Локално“, Ванчо Узунов универзитетски професор.
Според него, државата треба да престане да се задолжува, бидејќи од тие пари никој нема полза освен Владата.
-Владата не треба повеќе да се задолжува, бидејќи се виде дека голем дел од досегашното задолжување е за избори, а не затоа што и требаат на државата. Покрај милијардата од Унгарија сега се најавува ново задолжување од половина милјарда, а никој не кажува за што се наменети тие пари, вели Узунов.
Тој смета дека граѓаните наместо да купуваат евра, долари и недвижности да купуваат злато, бидејќи се покажа дека во овој момент ова е најпаметна инвестиција.
-Граѓаните кои имаат пари подобро да ги инвестираат во злато, отколку во недвижности. Цените на недвижностите се многу надувани и не постои гаранција дека утре ќе може да ја продаде по таа цена. Со купување на недвижности однапред ја плаѓаш инфлацијата со што фактички си ја изгубил заработувачката, објаснува Узунов.
Финансиските пазари остануваат под притисок, а глобалната економија се соочува со предизвици, поради тоа аналитичарите очекуваат цената на златото и понатаму да расте.
Б.С.