Одлуката за признавање на дипломите од медресите, за претставниците на партијата Вреди и за вицепремиерот Меџити е „историска“, но експертската јавност во земјава не се согласува со ова тврдење.
Претходно во изјава за „Локално“, универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески напомена дека оваа одлука е нарушување на секуларизмот во државата и дека уште повеќе ќе ги продлабочи разликите, а сличен став има и универзитетската професорка Билјана Ванковска.
Во изјава за „Локално“, Професорката Ванковска вели дека одлуката на Владата да ги интегрира верските (средни) училишта во државниот образовен систем е проблематична од повеќе аспекти.
Прво, тоа е директно кршење на Уставот, односно на принципот на секуларност. Државата и религијата (верските заедници) се одвоени, а верските заедници можат да основаат само училишта за верска поука. Државните наставни програми се базираат на научен поглед на светот, а верските на религиски (догматски).
Во македонското мултиконфесионално општество младите се веќе доволно сегрегирани и поделени по етничка, јазичка, а сега и верска основа. Ова е чекор назад дури и во поглед на принципот на заедништво и инклузија“ – вели таа.
По соопштувањето на одлуката за новите законски измени, вицепремиерот Изет Меџити рече дека одлуката на Владата е историски чекор, не само за муслиманите, туку и за целото општество кое се стреми кон правда, инклузија и еднаквост, како и „победа за правото на образование, за нашето културно наследство и за почитувањето на верскиот плурализам во државата“.
Но, според професорката Ванковска, станува збор за „скандалозна“ изјава:
Изјавата на вицепремиерот Меџити дека овој чекор доведува до „победа за правото на образование, за нашето културно наследство и за почитувањето на верскиот плурализам во државата“ е скандалозна, бидејќи правото на образование е универзално (па дури и задолжително), интегрирањето на верските училишта во државниот систем не само што внесува хаос во системот на знаење, туку овде се инсистира и на културни разлики.
Професорката нагласува дека верската припадност не значи и културна различност, туку дека тоа се две различни категории, и се штитат по различна основа.
На пример, дали албанските верници од православна, католичка и муслиманска вероисповест имаат културни разлики кои ги делат? – прашува таа.
Професорката потсетува дека верскиот плурализам беше дополнително зајакнат со измените на Уставот од 2001 година , по потпишувањето на Охридскиот договор и неодговорно е да се тврди дека сега се прави голем чекор напред.
Фактички се дискриминираат помалите верски заедници вака како што е напишан предлогот на законот“ – вели таа.
Инаку, ваквите измени во законот следуваат откако во април минатата година Уставниот суд ја укина владината одлука медресата Иса Беј да функционира како приватно средно училиште.
Наместо тоа, споменатата медреса и богловското училиште „Свети Климент Охридски“, со законските измени ќе функционираат како државни училишта кои што ќе бидат финансирани од државната каса, а тоа според професорката е дополнителен проблем.
Она што е дополнителен проблем е што во сегашното решение верските училишта стануваат државни буџетски корисници, што е уште еден доказ за бришењето на дистинкцијата меѓу световното и верското.
За жал, во државниот образовен и научен систем влијанието на религијата расте, а општиот систем опаѓа во квалитет поради серија други фактори.
Последната работа со која власта треба да се зафати во подигањето на квалитетот на образованието и достигнување на најдобрите во светот е внесување на верски догми, учења некомпатибилни со секуларното образование и некритичко мислење“ – вели Ванковска.
Инаку, според Уставот Македонија е секуларна држава, а според членот 7 на досегашниот Закон за средно образование се забрануваше верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта.
Б. С. Б.