Професионалните возачи на „брза лента“ за пасоши

од Nikola Popovski
345 прегледи

На сите транспортери и превозници кои вршат транспортна дејност и поседуваат сертификати за професионални возачи, во следниот период им се овозможува по брза лента да можат да ги заменат своите патни документи, соопштија од Министерството за транспорт и врски.Оваа мерка беше договорена по барање на Министерството за транспорт и врски и здруженијата и асоцијациите на транспортери и превозници на Република Северна М акедонија, а во соработка со Министерството за внатрешни работи, се вели во соопштението до медиумите.

Во однос на дозволите, лиценците и изводите од лиценци, Министерството за транспорт и врски навреме ги замени сите потребни документи, што им се потребни на домашните транспортери за непречено одвивање на меѓународниот транспорт.

-Ќе биде оформен список на професионални возачи и со сертификат за професионален возач, ќе биде доставен од Министерството за транспорт и врски, а ние до МВР.  Оние кои треба да бидат  повикани за фотографирање, веднаш да бидат фотографирани. Ова е исклучително значење за економијата, која не смее да трпи. Не се работи за голем број, но колкав и да е бројот, Министерството ќе постапи веднаш и ќе ги прати на обработка, изјави министерот Бочварски.

Од 13 февруари, македонските државјани кои немаат лични документи со новото име на државата Северна Македонија, не можат да ја напуштат земјата. Промената на личните и патни исправи е обврска од Преспанскиот договор кој Македонија го потпиша со Грција на 17 јуни 2018 година.

Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, Северна Македонија не почна навреме да издава лични документи со новото име на државата, па граѓани кои вадеа лични документи во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.

Според Преспанскиот договор, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени.

Слични содржини