Професорката на УКИМ, Виолета Ачкоска, која пред два дена објави, па вчера ја избриша од Фејсбук објавата за смртта на средношколецот од СУГС „Георги Димитров“, со која предизвика паника, револт и страв меѓу граѓаните, денеска била повикана на информативен разговор во полиција.
На полицајците им кажала дека слушнала муабети од деца, информираат од МВР.
-Денеска (16.03.2023) во полициска станица при СВР Скопје бил извршен службен разговор со В.А., поради наведени податоци дека гимназијалец бил отруен со дрога ставена во пијалак, во објавен статус на социјалната мрежа Фејсбук, а со цел да се обезбедат евентуални дополнителни податоци во врска со случајот кои лицето може да ги има. В.А. во разговорот појаснила дека нема информација за таков настан, туку дека слушнала муабети од деца, а кога новинари телефонски ја повикале да поразговараат на темата, тогаш сфатила дека направила грешка и го избришала статусот. Во врска со случајот од страна на СВР Скопје ќе биде известено Основното јавно обвинителство Скопје, со цел добивање насоки за понатамошни мерки и активности, соопштија од полицијата.
Ачкоска на својот Фејсбук профил објави дека младо момче починало како последица од дрога што му била ставена во пијачка во кафуле.
„Дали некој знае дека денес се погребува гимназијалец отруен од дрога ставена во пијалок во кафич. Дали некој знае уште за неколку слични случаи на деца, кои по халуцинација се фрлат од 5-ти спрат и слични самоубиства. Можеби некој знае, но не оваа јавност која се’ уште е „траурна“ од смртта на малата Тамара, нека почива меѓу ангелите“, напиша таа на 14 март 2023 година.
Министерството за внатрешни работи вчера излезе со детали за средношколец кој бил пронајден мртов пред зграда.
Според соопштението на полицијата, тинејџерот бил пронајден со повреди настанати од пад од висина.
-На 12.03.2023 во СВР Скопје е пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј.Т.(18). Извршен е увид од страна на полициски службеници и по насока на Јавен обвинител телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина, соопштија вчера од МВР.