Поголем дел од профитот на компаниите оди во џебот на газдите, а само мал процент останува за плати на работниците. За разлика од Македонија, во Европската Унија, поголем дел од добивката на компаниите се инвестира назад во работната сила преку плати и други надоместоци. Друг проблем е што голем дел од работниците во државата се уште работат на црно, непријавени без пензско и здравствено осигурување и земаат плата во плик. Државата мора да ги спречи овие појави, бидејќи поради неплаќање даноци милионски суми се одливаат од буџетот.
-Кај нас околу 60 отсто од профитот на компаниите оди кај газдите, а само 40 отсто за работниците. Во Европската унија процесот е обратен, дури 60 до 65 отсто од новосоздадената вредност оди за плати и други надоместоци за вработените, а само 35 до 40 отсто за бруто-добивка. Отприлика на 3 новосоздадени евра – 2 присвојуваат работниците за трудот, а едно сопствениците на капитал за профит. Во Македонија само 40 отсто одат за плати на работниците, а над 60 отсто за сопствениците на капитал, изјави за „Локално“, Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на Синдикални Организации на Македонија (КСОМ).

Марјан Ристески
Тој вели дека друг проблем е што сивата економија цвета, поголем дел од работниците работат на црно, односно непријавени и земаат плата во плик.
-Има работници кои работат со договор на дело преку 10 години и немаат здравствено и пензиско осигурување. Има и времени вработувања кај кои газдите плаќаат придонеси, но истите се одолговлекуваат повеќе од 5 години и покрај тоа што не постои законска можност за такво нешто. Поради тоа, младите кои ќе дојдат да работат во една компанија доколку подолго време се со договор на дело или со времено вработување и не се задоволни од платата веднаш си одат. Поради тоа, голем дел од компаниите неможат да најдат работници или ако ги најдат неможат да ги задржат затоа што брзо наоѓаат подобро и поплатено работно место, вели Ристески.
Според него, ако газдите се залагаат за работниците тие ќе му вратат со поголема продуктивност.
Зголемување на плати, делење на награди, бонуси, можности за работа од дома, скратено и флексибилно работно време….се само дел од стимулациите кои ќе помогне работниците да се чувствуваат дека се соодветно вреднувани, во ситуација кога има одлив на работната сила од државата. На тој начин работодавачите ќе можат да ги задржат работниците и нема да имаат проблем со недостиг на работна сила, а работниците ќе бидат стимулирани за да не си заминат од земјава.
Дел од работодавачите се согласуваат дека треба да постои колективно, но и индивидуално наградување на најдобрите работници. Секој што дал придонес за развој на компанијата, треба да добие бонус или награда за да почувствува дека е ценет на своето работно место.
Б.С.