По повод претстојните локални избори, Сојузот за младинска работа (СМР), објави Проглас со кој ги повикува сите политички партии и независни кандидати за градоначалници и советници да се обврзат на отворање младински центар во секоја општина.
„Со овој јавен проглас се обраќаме до сите политички партии што ќе учествуваат на претстојните избори, како и до независните кандидати за градоначалници и независните советнички листи, за да се осигураме дека потребите на младите и одредбите од Законот за младинско учество и младински политики што се однесуваат на младинските центри нема да бидат занемарени.
Иако Законот за младинско учество и младински политики предвидува најмалку еден младински центар по општина, досега се отворени само девет. Дел од нив се соочуваат со сериозни предизвици поради нередовна и недоволна финансиска поддршка од општините.
Посочуваме на значењето на младинската работа за развојот на младите, и на улогата на младинските работници и младинските центри во локалните заедници: тие обезбедуваат програми што ја унапредуваат благосостојбата на младите, го поттикнуваат нивниот личен, социјален и професионален развој и овозможуваат нивно активно учество во заедницата“, велат од Сојузот.
Барањата, упатени до политичките партии и независните кандидати за градоначалници и советници, се:
* Во изборните програми да се предвиди отворање младински центар во секоја општина;
* По изборите да се обезбеди редовна и континуирана финансиска поддршка за нивно функционирање;
* Да се почитуваат правата и достоинството на младинските работници.