Мигел Гонкалвеш, физиотерапевт специјализиран за закрепнување од операција на белите дробови, е еден од последните луѓе што го сретнале трагично починатиот фудбалер Диого Жота.
Жота, заедно со неговиот брат Андре, загинаа во сообраќајна несреќа на околу десет километри од границата на неговата родна Португалија, во Шпанија.
Гонкалвеш бил со Жота пет часа пред трагедијата, а претходно бил со него низ неговото закрепнување од операција на белите дробови.
Претходно не беше објавено дека Жота имал проблем со откажување на едното белодробно крило во текот на сезоната, но тој играше до крајот и во мај ја освои Лигата на нации со Португалија, откако претходно го крена трофејот во шампионатот на англиската Премиер лига со Ливерпул.
Жота тргнал за Ливерпул од неговата родна Португалија, и по совет на лекарите, не се качил на авион, туку тргнал на 31-часовно возење кое, за жал, не го заврши.
Тој и неговиот брат Андре починаа само десет километри откако ја преминаа границата меѓу Португалија и Шпанија, на пат кон Сантандер, од каде што требаше да се качат на траект за Плимут, а потоа за Ливерпул, каде што Диого требаше да се јави за почетокот на подготовките во понеделник.
Гонкалвеш, кој работи во болницата Сао Жоао во Порто, рече дека последен пат го видел Жота на вечера околу 20:30 часот по локално време и дека слушнал за планот да замине на патувањето преку ноќ поради пониските температури.
„Тогаш се збогувавме. Неговиот брат Андре одлучи да му прави друштво на патот, но и за да поминат повеќе време заедно. Ми рече дека патувањето ќе трае околу осум часа и дека ќе застанат во регионот Бургос за да се одморат. Остатокот од семејството требаше да лета со авион во текот на викендот“, изјавил Гонкалвеш за португалскиот весник „Рекорд“.
Физиотерапевтот одговорил и на тврдењата дека починатите браќа тргнале на патувањето по забава.
„Прочитав некои работи на интернет што ме вознемирија. Да бидам јасен, Диого и Андре не беа на забава, не се забавуваа. Ништо од тоа. Тие беа врвни професионалци. Најголемите професионалци што некогаш сум ги сретнал“, рекло медицинското лице.
Семејството Силва, како што е официјалното презиме на Диого Жота, одлучи дека погребната постапка ќе започне во петок и ќе заврши во сабота.