Промоција на книгата „Дипломатски протокол, етикеција и кореспонденција“

од Марта Пешевска
142 прегледи

Промоција на книгата „Дипломатски протокол, етикеција и кореспонденција“ од Данчо Марковски, дипломат на кариера на МНР, ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), во соработка со Министерството за надворешни работи и Дипломатскиот Клуб – Скопје.

Промотори ќе бидат проф. д-р Иван Додовски, декан на Факултетот за политички науки при УАКС, ополномоштениот министер во МНР Сашко Тодоровски и хрватската амбасадорка Данијела Баришиќ.

– Оваа обемна публикација е единствена од ваков вид на македонски јазик. Книгата содржи историски и теоретски, како и практичен дел, со повеќе од 50 примери на дипломатска кореспонденција, глосар на дипломатски термини и други прилози. На едно место и прегледно, со практични примери, овој прирачник ги објаснува најзначајните функции и алатки на државниот протокол како неопходна димензија во професионалната работа на владините министерства и органи, како и на сите други државни служби, локални институции и организации, информираат од УАКС.

Оттаму посочуваат дека прирачникот е неопходен поради избегнување на грешки што можат да го нарушат имиџот на институција и на државата, како и соработката со други странски и домашни партнери. Ова е прв систематизиран пресек на стандардизиран државен протокол за нашата земја.