На Попова Шапка денеска беа промовирани осум маркирани крос кантри планинско-велосипедски патеки кои гравитираат околу скијачкиот центар, проектна активност спроведена од планинарскиот клуб Шара Ски. Во изминатиот период е извршено обележувањето и маркирањето на патеките. Станува збор за веќе постоечки, но запустени патеки, а дел од нив се нови.
Проектот „Попова Шапка – cross country trails“ има два аспекта. Со проектот ги обновивме и дополнивме постоечката маркација на патеките, подготвени и поставени се патокази, маркирани се патеките со ГПС уред, впишани се координати и карактеристики на патеките, одредени се места за пауза долж патеката, исцрани се мапи од секоја патека со сите поодатоци. Овие места се поставени и пред платото на терасата на Конак, како и во флаерите и брошурите. Вториот аспект е подготовка на Инфо – пакет/брошура за cross country trails на Попова Шапка. Брошурата ќе содржи информации за името, локацијата и должината на cross country патеките, како и висинската разлика, потребното време за возење на секоја од патеките, инфраструктурните објекти долж патеката и слично, изјави Јован Јовановски од Шара Ски.
За користење на патеките на потенцијалните корисници на располагање ќе им бидат повеќе алатки.
„Освен патокази на самите патеки, имаме создадено ГПС рути, апликација за мобилни телефони, можност за изнајмување велосипеди, ангажирање на лиценциран велосипедски или планински водич, воспоставени мерки за безбедност и медицинска помош и слични потреби“, рече Горан Миловановски, лиценциран водич од Шара Ски.
Планинско велосипедската патека наречена „Репетитор МРТ“ е најкратка со три километри и просечно времетраење за поминување од еден час. Патеките „Вакуф“ и „Голема Смрека“ имаат иста должина од по 17 километри. Најдолга е патеката „Шарски води“ или 90 километри и времетраење од 8 до 10 часа. Останатите патеки се наречени „Шарпланинско бачило“, „Вргањ“, „Лешница“ и „Јелак“.