Пронајдено скриено оружје кај Арачиново

од Nikola Popovski
107 прегледи

Рано утрово полицијата во околината на скопско Арачиново пронашла оружје скриено во еден објект. Запленети се 11 парчиња автоматско оружје. Се проверува поврзаноста со криминалната група од Арачиново чии членови беа приведени неделава. Се проверуваат и траги од ДНК и отпечатоци.

Акцијата продолжува денеска. Единици на МВР се со засилено присуство на повеќе локации во земјата.

Заплената е извршена во рамките на акцијата за сузбивање на насилни криминални групи на повеќе локации, којашто почна во неделата. Во рацијата се извршени претреси кај 26 лица на вкупно 30 локации, од кои 28 на подрачје на Скопје и две на подрачје на Велес. Досега е пронајдено огнено оружје, друга опрема, панцири и над 30 милиони денари во различни апоени кај осомничените. Одземени се и пет оклопни возила, накит, мобилни телефони, часовници, ресивери…

Вчера 30-дневен притвор им определи Кривичниот суд на четворицата членови на криминалната група Беланоца/Барон. Тие беа спроведени во судот по акцијата на МВР и Јавното обвинителство во изминатите два дена.

Истрагата се однесува на вкупно 18 лица членови на криминалната група, а како водач се посочува Фатљум Ајети – Тоте, кој веќе е во затвор за трговија со дрога и оружје и според Обвинителството тој од затвор ја командувал група, на која и се препишуваат убиства, изнуди, подметнување пожари на локали и автомобили. Шест осомничени лица се во бегство, а Кривичен определи мерка притвор за петмина од моментот на пронаоѓање.

-Поднесена е кривична пријава против 18 лица од Скопје за убиство и обид за убиство кои се извршени во последните години, меѓу кои и убиството во Шиша бар кое предизвика голема вознемиреност кај македонската јавност. Има и кривична пријава за изнуда и злосторничко здружување. Дел од пријавените во 2020 година создала група која имала за цел вршење на кривични дела убиства. Подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кои, кога, каде и на каков начин ќе биде лишен од живот ,а одлуките ги спроведувале лично или преку припадници на криминалната група кои ги прифаќале и спроведувале. Договорите биле пренесувани во непосредни контакти или преку телефон, кажа Тошковски на прес-конференција пред два дена.

Споменатото двојно убиство се случи на 6 март 2023 година, а напаѓачите влегле во Шиша бар во Старата скопска чаршија и биле облечени во црна облека налик на униформа по што повикале дека станува збор за полициска рација. Кога ги нашле „таргетите” почнале да пукаат во нив и избегале. На лице место се убиени Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени.

Слични содржини