Повеќе од 20 вработени во Групацијата за владина ефикасност (DOGE), предводена од милијардерот Илон Маск, масовно поднесоа оставки, наведувајќи ја нивната неподготвеност да ја искористат својата експертиза за да ги нарушат клучните јавни услуги и да ги компромитираат владините системи, јавуваат американските медиуми.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги задолжи Маск и неговиот тим да ја намалат федералната администрација, што доведе до отпуштања во различни федерални институции.
Еден федерален вработен за Си-Ен-Ен изјави дека оставките биле од „најквалификуваните луѓе, кои се задолжени за најважните приоритети“. Тие вклучуваат инженери, дизајнери, научници за податоци и проект менаџери кои водат клучни проекти.
„Ние нема да ги користиме нашите технолошки способности за да ги компромитираме клучните владини системи, да ги компромитираме чувствителните американски податоци или да ги нарушиме критичните јавни услуги. Нема да ја позајмиме нашата техничка експертиза за да ги спроведеме или легитимираме активностите на DOGE“, се вели во писмото за оставка.
Станува збор за вработени кои првично работеле за дигиталниот сервис на Соединетите Американски Држави (USDS), а со доаѓањето на администрацијата на Трамп, тие биле меѓу 65-те вработени во таа агенција интегрирани во DOGE.
Четириесетина други вработени во USDS беа отпуштени, што, според потписниците на писмото за оставка, предизвика катастрофална штета на способноста на владата да управува и да ја заштити сопствената технолошка инфраструктура. Вработените кои сега заминуваат претходно имаа високи позиции во компании како Google и Amazon.
Улогата на тимот на Маск се разликува од она што првично го најави Трамп за време на претседателската кампања во 2024 година.
DOGE првично беше претставена како комисија која ќе работи надвор од владата. Акронимот DOGE се однесува на омилената криптовалута на Маск, која припаѓа на група на таканаречени мемекоини, често креирани повеќе за забава отколку како сериозна инвестиција.