Проширена црната листа: И Орце Камчев под санкции на САД

од Nikola Popovski
541 прегледи

Бизнисменот, осуден во два случаи, Јордан „Орце“ Камчев, е следниот државјанин на Македонија кој се најде на црната листа на САД „за вмешаност во корупција, вклучително и поткуп на јавен функционер“, изјави вчера портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Во соопштението на Стејт департментот се вели дека „САД ќе продолжат да промовираат гонење на поединци и организации кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција“. Се наведува дека Камчев повеќе од една деценија е инволвиран во корупција, злоупотреба на службената положба, перење пари и други кривични дела.

САД ја повикуваат Северна Македонија да продолжи да го зајакнува владеењето на правото и нејзините демократски институции и да се справи со корупцијата бидејќи „овие напори се клучни за целосната интеграција на Северна Македонија во европските институции“.

Во извештајот, Министерството за финансии на САД наведува дека Камчев „го искористил своето корумпирано влијание и потпора за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во своја полза. Во 2020 година, главниот обвинител на Специјализираното обвинителство беше обвинет за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил поповолни услови за апсење и расплет на случајот против него. Подоцна Камчев поднел граѓанска тужба против јавниот обвинител и други за изнуда од него. Граѓанскиот суд во Скопје пресудил дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се вели во извештајот на Министерството за финансии на САД, цитиран од „Гласот на Америка“.

„Корупцијата има последици“, напиша на својот Фејсбук профил американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер.

Неодамна САД на црната листа го ставија градоначалникот на Струга, Рамис Мерко, а минатата година и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Слични содржини