Проширена е листата на „замрзнати” цени и за оризот, јајцата и тестенините

од Nikola Popovski
391 прегледи

Владата на Република Северна Македонија на денешната 127-ма редовна седница ја дополни Одлуката за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало со три нови основни прехранбени производи ориз, јајца и тестенини.

Согласно одлуката, и цените на овие производи се замрзнуваат на ниво на цените до 1 декември и ќе важат до 31 јануари 2022 година, со цел да се превенираат евентуалните поскапувања на основните прехранбени производи.

На оваа седница, со која претседаваше првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, беа утврдени измените на Законот за Царинската тарифа со кои се предлага намалување на царинските стапки за одредени стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во домашната индустрија.

Со донесување на овој закон всушност ќе се реализира Мерката 17 од петтиот сет економски мерки за ревитализација на економијата во услови на КОВИД-19, како и за поголема усогласеност со Царинската тарифа на Европската унија и во делот на царинските стапки, а притоа имајќи ги предвид и правилата на Светската Трговска Организација.

Слични содржини