По изјава на бугарската министерка за надворешни Захариева,од Владата повторуваат дека макеоднскиот јазик и идентитет се факти потврдени од Обединетите нации и за тоа не смее да постои дилема.
„Нема потреба од нов договор, ниту од анекс на Договорот. Во рамките на постојниот Договор, Владата е подготвена да прифати појаснување на одредени загрижености коишто постојат во Софија и сметаме дека на таков начин, гледајќи низ позитивна призма, Република Северна Македонија ќе ја оствари целта- до крајот на годината да ги почне преговорите за членство со Европската Унија, стои во реакцијата на Владата.
Последната изјава на Захариева за Ројтерс во која порача дека или Македонија ќе го признае постоењето на бугарски корени или нема да ги почне преговорите со Унијата поттикна негативни реакции .
Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност преку твитер ја објаснува асурдноста на бугарските барања.
Замислете Германија да инсистира дека Австрија треба да признае германските корени, заканувајќи се со тензии ако не го направи тоа! Замислете Шведска да ѝ го прави тоа на Норвешка. Чесите ова да им го кажат на Словаците. Апсурдно? Да! Тоа е она што го прави Бугарија, уривајќи го кредибилитетот на политиките на ЕУ за Балканот“, пишува Кнаус.
Опозицијата вели дека Заев го има ветено тоа што Захариева сега го зборува
Сетоа ова што Бугарија го бара од земјава е ветено претходно од премиерот Зоран Заев, тврди лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, еден врвен бугарски политичар на еден од состаноците на Европската народна партија тоа му го потврдил на Мицкоски.
„Ми рече дека сето ова е ветено од страна на Заев и дека кога тој бил тогаш во опозиција ги убедувал дека најважно е тој да стане премиер, а за другото нема никаков проблем. Тогаш беа упатени многу критики до нас во ВМРО-ДПМНЕ дека ете не сме сакале да преговараме, но ние сме сè уште на истиот став дека таа тема не заслужува разговори и преговори. Бидејќи македонската нација и држава си имаат свои корени“, рече Мицкоски одговарајќи на прашања од граѓани во живо на Фејсбук.
На прашањето зошто владата не реагира на провокациите на Бугарија и што ќе се прави ако Бугарија нè блокира во ЕУ, а Захариева потврди со тоа што кажа дека нема Европска Унија без признавање на бугарски корени, Мицкоски одговори дека во моментот најважно е Македонија да ја одржи таа меѓувладина конференција во ЕУ што би значело симболичен почеток на преговорите.
Мицкоски додаде дека следната недела, ВМРО-ДПМНЕ ќе свика одржување на седница во рамките на парламентот, на која што ќе може отворено да се разговара за македонските црвени линии.