Со минута молк денеска пред Владата започна собирот и простувањето на болните од цистична фиброза и Асоцијацијата за цистична фиброза со починатиот Благојче Илиевски.
Илиевски почина пред два дена, чекајќи да го добие лекот „трикафта“.
На тротоарот пред зградата на Влада беше поставена слика од Илиевски, како и цвеќе и венец. Присутните запалија свеќи во негов помен.
-Денеска дојдовме да му оддадеме почит на Благојче и жалосно е во 21 век кога има лек, да умираат пациентите со оваа болест. Многу сме револтирани од предолгото чекање и одлучување да се донесе лекот и за колку пациенти. Пациентите не можат да чекаат повеќе ниту една минута. Ги замолувам сите надлежни да го донесат лекот за сите 60 пациенти кои се подобни, рече Ирена Василевска, родител на дете со цистична фиброза.
Асоцијацијата денеска ги повтори барањата итно и неодложно да се набави лекот од страна на државата.