Протече европскиот план: Америка ќе биде погодена со царини од 25 отсто, на листата се и јајцата

од Nikola Popovski
70 прегледи

Европската комисија во понеделникот предложи царини од 25 отсто за низа американски роба и стоки како одговор на царинит на претседателот Доналд Трамп за челик и алуминиум, покажа документот во кој Ројтерс имал увид.

Царините за некои стоки ќе стапат на сила на 16 мај, а други подоцна во годината, на 1 декември, се наведува во документот.

Станува збор за разновидна роба и производи која вклучува дијаманти, јајца, забен конец, колбаси и живина. Европските царини за бадемите и сојата треба да стапат на сила од 1 декември, пишува Ројтерс.

Можеби најголемиот удар за Американците се царините за јајцата. Имено, САД се соочуваат со недостиг на јајца поради птичјиот грип, поради што цените на овие производи во американските продавници се високи. Со цел да се ублажи кризата, американските власти се обратија до европските производители, меѓу кои Германија, Данска, Италија, Полска и Шведска, со барање за извоз на јајца.

Шефот за трговија на ЕУ, Марош Шефчовиќ, претходно во понеделникот соопшти дека европските царини ќе имаат помало влијание од претходно најавените 26 милијарди евра (28,45 милијарди долари).

Бурбонот, виното и млечните производи беа отстранети од првичната листа што Комисијата ја разгледа во март.

Комисијата воведе царина од 50 отсто за бурбонот, поради што Трамп се закани со царина од 200 отсто за алкохолни пијалаци во ЕУ доколку се усвои таква одлука. Заканата на Трамп особено ги загрижи Франција и Италија поради нивните значајни вински индустрии.

Покрај овие контрамерки, ЕУ веќе на 1 април ги заостри постоечките заштитни мерки за челикот со цел да се намали увозот за 15%. Комисијата ги разгледува и увозните квоти за алуминиум.

За овој предлог земјите-членки на ЕУ треба да гласаат на 9 април.

Слични содржини