Висок израелски воен разузнавач го отфрлил деталното предупредување кое го предвидело нападот на Хамас на 7 октомври, нарекувајќи го „имагинарно сценарио“, навеле две лица запознаени со ова прашање.
Стражарите на границата на Израел со Газа, многу од нив жени војници кои гледаат и анализираат видео снимки и други податоци собрани во близина на оградата што ја опкружува енклавата, испратија детален извештај неколку недели пред нападот до највисокиот разузнавач во јужната команда, додале изворите за „Фајненшл Тајмс“.
Извештајот содржел конкретни предупредувања, вклучително и дека милитантите на Хамас тренираат за да кренат во воздух гранични пунктови на неколку локации, да ја нападнат израелската територија и да ги преземат кибуците.
Голем пропуст во разузнавањето
Израел не беше подготвен за ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе и се смета за најголем пропуст во израелското разузнавање од 1973 година кога Египет и Сирија извршија ненадеен напад врз Јом Кипур.
Војниците од понизок ранг, исто така, предупредија дека нивната анализа покажала дека Хамас вежбал и земање заложници и дека војниците чувствувале дека нападот е неизбежен. Но, високо позиционираниот разузнавач порачал дека ова предупредување е само „имагинарно сценарио“.
Изворот открил дека не е преземено никакво дејство. КАН, израелскиот јавен сервис, доцна во четвртокот објави детали за слично предупредување испратено од војници од понизок ранг до високи офицери. Друг извор предупредил дека е неуспех тоа што предупредувањата не биле сфатени сериозно.
Како одговор на истрагата на ФТ, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нивните „команданти и војници биле единствено и строго фокусирани“ на нивната мисија да го поразат Хамас. По војната ќе се спроведе темелна истрага за да се разјаснат сите детали“, соопшти ИДФ.
Зошто биле отфрлени предупредувањата?
Две лица запознаени со комуникациите изјавиле дека дискусиите во разузнавачката заедница за непостапување по предупредувањата биле слични на оние по неуспесите на разузнавањето во пресрет на војната во 1973 година.
И двајцата рекоа дека предупредувањата биле отфрлени не само затоа што потекнуваат од војници со низок ранг, туку затоа што се во спротивност со верувањето на израелската влада дека го зауздал Хамас со блокадата, бомбардирањето и користењето помош и пари за да се смири палестинската милитантна група.
Напад од ваква природа, за кој доаѓале предупредувања, доведе до војна меѓу Хамас и Израел, а израелската разузнавачка заедница била убедена дека милитантната група сака да го избегне тоа.