Протече план на САД и ЕУ за Украина тежок 800 милијарди долари

Соединетите Американски Држави и Европската Унија планираат да мобилизираат околу 800 милијарди долари од јавни и приватни извори за обнова на Украина по завршувањето на руската инвазија, покажува интерен документ до кој имал увид POLITICO.

од desk4
20 прегледи Фотографија: Х/Oфицијален профил на Володомир Зеленски

Станува збор за документ во кој е изложен десетгодишен план за економско заздравување на Украина и забрзување на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија. Европската комисија веќе го доставила планот до земјите членки пред неодамнешниот самит на лидерите, потврдиле три европски функционери и дипломати, кои побарале анонимност поради чувствителноста на темата.

И покрај подготовките за стотици милијарди долари долгорочно финансирање, целата стратегија зависи од постигнување примирје, кое сè уште е неизвесно. Додека траат борбите, планот останува ранлив.

Финансиската стратегија е проектирана до 2040 година, со итен оперативен план од 100 дена за стартување на проектите. Сепак, предупредува најголемиот светски управител со средства BlackRock, кој про-боно учествува како советник, дека е тешко да се привлечат инвестиции додека конфликтот продолжува.

„Ако сте пензиски фонд, имате фидуцијарна обврска кон вашите клиенти. Речиси е невозможно да инвестирате во воена зона“, изјави потпретседателот на BlackRock, Филип Хилдебранд, на Светскиот економски форум во Давос.

Планот за просперитет е дел од мировна рамка во 20 точки, во чие посредување меѓу Киев и Москва учествуваат САД. Документот тргнува од претпоставка дека безбедносните гаранции веќе се воспоставени и не е замислен како воен план, туку како транзиција на Украина од итна помош кон одржлив економски развој.

Состанок меѓу претставници на Украина, Русија и САД е најавен за петок и сабота во Абу Даби, во период кога конфликтот се приближува до својата четврта годишнина. Во документот, САД се позиционирани не само како донатор, туку и како стратешки економски партнер, инвеститор и гарант на кредибилитетот на обновата.

Предвидено е директно учество на американски компании и експерти на терен, како и активна улога на Вашингтон во мобилизација на приватен капитал. Во разговорите со Киев учествувале и извршниот директор на BlackRock, Лари Финк, зетот на американскиот претседател Donald Trump, Џаред Кушнер, како и неговиот специјален пратеник Стив Виткоф.

Според документот, во наредните десет години ЕУ, САД и меѓународните финансиски институции, вклучително и Меѓународен монетарен фонд и Светска банка, планираат да вложат 500 милијарди долари јавен и приватен капитал.

Европската комисија има намера да обезбеди дополнителни 100 милијарди евра за Украина преку буџетска поддршка и инвестициски гаранции во рамки на следниот седумгодишен буџет на Унијата, кој започнува во 2028 година. Се очекува тие средства да поттикнат уште 207 милијарди евра инвестиции. САД, пак, најавиле мобилизација на капитал преку специјален Американско-украински инвестициски фонд, без да прецизираат износ.

Иако администрацијата на Трамп за време на војната ја намали воената и хуманитарната помош за Украина, во документот е наведена подготвеност за инвестирање по завршувањето на конфликтот, особено во суровини, инфраструктура, енергетика и технологии. Сепак, се оценува дека масовни инвестиции се малку веројатни сè додека борбите на источниот фронт не запрат.