Протекоа делови од договорот меѓу Белград и Приштина

од Vladimir Zorba
127 прегледи

Договорот, кој се очекува да биде потпишан во Белата куќа, сè уште не е објавен, но некои делови излегоа во јавноста, „благодарение“ на несогласувањето меѓу косовските водачи, пишува Танјуг.

Поранешниот премиер Рамуш Харадинај попладнево му порача на сегашниот премиер Авдулах Хоти дека ќе ја напушти владејачката коалиција доколку Хоти потпише договор со кој, како што изјави Харадинај, се препушта управувањето со езерото Газивода, односно со дел од територијата и ресурсите на Косово.

Газивода е значаен енергетски ресурс, а Харадинај смета дека тој не смее да биде во рацете на Србија, бидејќи, како што наведува, Газивода е само 2,7 километри во Србија, а 9,2 километри на територијата на Косово, поточно – на северот на Косово.

Договорот предвидува и спроведување на проектот „мини Шенген“, на кој се спротивстави Приштина, и покрај притисокот на албанскиот премиер Еди Рама да се приклучи на иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Документот предвидува и мораториум на членството на Косово во меѓународните организации за една година, што исто така се дозна благодарение на незадоволството на Харадинај.

Надвор од овие елементи на договорот, со несомнени политички импликации, документот содржи проекти во вредност од 13 милијарди долари, како што објави приштинската телевизија „Клан Косова“.

Договорот, се наведува, се занимава со прашањата на економскиот развој, а станува збор за 13 милијарди долари предвидени за инвестиции во инфраструктура и заеднички регионални проекти кои ќе влијаат на развојот на Косово и Србија.

Инаку, ТВ Клан Косова известува, неофицијално, дека договорите нема да ги потпишуваат делегациите на Белград и Приштина, но секоја страна потпишува документ со американскиот претседател Доналд Трамп.

Се очекува, вели ТВ, дека нема да има потреба овие документи да бидат ратификувани во парламентот.

Слични содржини