Христијан Пендиков, секретарот на бугарското здружение „Цар Борис Трети“, кој беше претепан на 19 јануари во Охрид, деновиве е главна тема по медиумите, особено поради зголемените тензии меѓу Скопје и Софија, која ја обвини нашата земја за кршење на правата на припадниците на бугарското малцинство. Тензиите пораснаа до тој степен што дел од бугарските националисти и политичари се заканија дека ќе ги блокираат преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, а самиот инцидент беше осуден од двете страни.
Во текот на вчерашниот ден се огласи и претседателот Стево Пендаровски после одржаниот Совет за безбедност. Тој побара од владата да им забрани на неколку бугарски државјани да влезат во земјата поради нивните постапки. Претседателот не сакаше да ги именува бугарските државјани, но по се изгледа станува збор за споменатиот бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов.
„Локално“ контактираше со дел од бугарските аналитичари во однос на последните превирања на релација Скопје-Софија. За последното барање на претседателот Пендаровски, велат дека Македонија е независна држава и може самата да одлучува кого сака да протерува од својата територија. Потпретседателот на Бугарско-македонскиот бизнис клуб Владимир Владимиров не гледа ништо страшно во најавите за протерување на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и на неколку други лица – државјани на Бугарија поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава.
-Македонија е суверена и независна држава, членка на НАТО и земја-кандидат за влез во ЕУ. Земјата има право да определува кој е добредојден и кој е добар гостин. Тоа е право на македонските власти за таков тип на решение. Веќе има неколку бугарски самопрогласени патриоти на кои им е забрането да престојуваат во Македонија и мислам дека со тоа добија и двете држави, ни рече Владимиров.
Тој го осудува настанот во Охрид, при што беше претепан секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“.
-Осудувам секаков чин на насилсто и таков е неприфатлив од ниту една гледна точка, особено од европската перспектива. И во македонското и во бугарското општество многу често сме сведоци на агресија и тоа е клучниот проблем со кој треба да се справиме, особено е кога е поврзана со национална припадност или сексуална ориентација, вели аналитичарот и додава дека властите во Македонија реагираа адекватно.
-Напаѓачите се приведени, обвинителството има покренато обвинение, а министерот Бујар Османи го посети повредениот Пендиков во Софија. Реакцијата на македонската држава беше повеќе од адекватна, потенцира Владимиров.
Сепак е дециден дека ваквите настани не треба да ги карактеризираат односите или да влијаат меѓу двете земји.
-Ваквиот инцидент, претходните и најверојатно не дај боже идните инциденти не треба да ги нарушуваат односите меѓу две пријателски и соседни земји и држави кои се партнери низ призмата на НАТО. Односите не треба да се определуваат според секојдневни случувања и настани. Ваквите немили настани го оттргнуваат фокусот од вистинските важни теми за Македонија и Бугарија, порачува аналитичарот.
Владимиров предупредува и за делувањата на националистите во двете земји.
-Во сите држави во Европа и ЕУ, крајниот национализам е карактеризиран како форма на политичко делување. Нашите две општества треба да бидат многу внимателни и многу чувстителни кон луѓето кои се самоопределуваат, а всушност се квазипатриоти. Тие создаваат многу повеќе проблеми отколку што носат решенија за проблемите. Треба да размислуваме разумно и да го гледаме пријателството, сериозните односи, а не да се гледаме низ призмата на национализмот, ни рече потпретседателот на Бугарско-македонскиот бизнис клуб.
Бугарскиот аналитичар и адвокат по професија, Паскал Гонов се согласува дека политичарите Ангел Џамбаски и претседателот на „Преродба“ Костадин Костадинов доаѓаат во Македонија за да провоцираат.
-Во Скопје беа господата Џамбаски и Костадин Костадинов за да провоцираат, како што го правеа тоа и претходно. Од истата причина и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се појави во Благоевград. Нема новости овде. Вест е дека очигледно Владата на Република Македонија решила преку насилни административни мерки да бара да постигне некакво „смирување“. Кој знае, можеби ова е чекор во вистинската насока, но Картагина на Огражден треба да биде отстранета, порачува Гонов во разговор за „Локално“.
Во однос на физичкиот напад во Охрид, Гонов вели дека не е изолиран инцидент и ги вбројува во редот на слични кои се случиле во претходните години во нашата земја.
-Ова е продолжение на настаните со Мирослав Ризински (13.01.2007), Драги Каров (02.03.2008), проблемите на Миле Неделкоски, Виктор Канзуров, Јован Стојановски, Александар Маркоски, Дончо Спасов и други, искршената спомен плоча на починатите Бугари во несреќата со бродот во Охрид (15.08.2021), искршените спомен-плочи на Мара Бунева (2013 и 2014 година), спомен-плочата на Кајмакчалан (22.09.2016), запалените клубови (2022), пароли на стадионите (27.09. 2022), ни рече Гонов.
Според него, никогаш по 1997 година немало позитивен тренд во односите на релација Скопје-Софија.
-Тоа е затоа што и Заедничката декларација од 1997 година и Договорот за пријателство останаа само заклетви што ниту една од страните на границата не ги почитуваше. Вистината е дека националистичката реторика ги презеде сите канали на комуникација. Сега постои вистински Берлински ѕид меѓу нашите две земји. И пиле не може да се прелета, а камоли добар збор!, смета аналитичарот.
Тој е песимист за европската иднина на Македонија.
-Мислам дека самата Македонија ќе ги заврши или ќе ги прекине преговорите со Европската Унија. Македонија е подготвена сама да се откаже од она што го постигна досега. Македонија денес е на раскрсница, оценува аналитичарот.
Н.П.