Контроверзната грчка партија Златна Зора во текот вчерашниот ден организирала протест против отворањето на Центарот за македонски јазик во Лерин, пренесе „МКД.мк“.
Полицијата ги спречила демонстрантите да отидат на главниот плоштад во Лерин, бидејќи во истиот момент се одржал и контрапротест на студентите и на Комунистичката партија на Грција против присуството на Златна зора во нивниот град.
-Браво на Комунистичката партија на Грција, браво на студентите и браво за демократските граѓани на Лерин кои со своето присуство и протести не дозволија Златна зора да протестира во центарот на Лерин и благодариме на грчката полиција која си ја заврши работата како што треба и ја држеше Златна зора далеку од центарот, стои во објавата на социјалните мрежи.
Членовите на Златна Зора и насобраните револтирани граѓани не се задоволни од регистрацијата на Центарот и порачале дека „ова е одбрана на нашата Македонија“ и дека се против „организирање на скопјаните“.
Центарот за македонски јазик во Грција од ноември годинава и официјално е регистриран како невладина организација од страна на судските власти во Грција.
Центарот дава поддршка на легитимното барање за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во Грција, вклучително и за ратификација на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за малцински јазици од страна на Парламентот на Грција.
Центарот за македонски јазик во Грција е локална невладина организација основана во 2022 година од граѓани на Грција.
Златна зора со години беше во состав на грчкиот парламент. За време на грчката катастрофална економска криза таа го засили влијанието и стана дури трета по големина политичка сила во земјата. На изборите во 2019 година партијата не успеа да го надмине изборниот цензус од три проценти и оттогаш не е застапена во грчкиот парламент.
На товар на неонацистичката партија ѝ се ставени повеќе злосторства, меѓу кои убиството налевичарскиот рапер Павлос Фисас во 2013 година и напади врз египетски рибари и комунистички синдикалци во 2012 и 2013 година. Златна зора, која одржува тесни контакти со неонацистичката сцена, одамна е озлогласена поради своите напади врз мигранти и политички противници.