Протест на штипските пензионери: „Покачување од 600 денари е игра со нашите чувства“

од Nikola Popovski
173 прегледи

Со посни полнети пиперки денеска протестираа штипските пензионери на Градскиот плоштад „Слобада”. Порачаа дека покачувањето од 600 денари е игра со нивните чувства.

-Никогаш не помисливме дека ќе бидеме ставени на маргините, ние кои ја градевме државата. Го бараме само она што ни следува, достоинствени пензии за пристоен живот, порачаа пензионерите и побараа оставка од министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Пензионерите од Штип искажаа разочараност од политичарите, кои како што рекоа, на нив помислуваат само пред избори. Остануваат со истите барања. Најавија и дека протестите продолжуваат и ќе се радикализираат.

Тренчевска вчера изјави дека верува дека до крајот на месецот ќе има конкретни мерки за поддршка на животниот стандард на пензионерите, особено на оние со најниски пензии.

Новото барање на пензионерите е пензиите сега уште повеќе треба да се зголемат линеарно и тоа да биде 5000 денари поради повисоките цени на храната. Исто така сметаат дека минималната пензија треба да биде 20 илјади денари. Претходно бараа линеарно зголемување на пензиите од 3500 денари.

Покрај основните барања, пензионерите бараат и да се укине членарината која ја плаќаат во Сојузот на здружението на пензионери на ниво на Македонија, бидејќи како што истакнаа, Сојузот работи спротивно на нивните интереси.

Исплатата на зголемените пензии започна од 1-ви октомври. Пензионерите добиваат процентуално покачување од 5,3%. Најмногу добиваат корисниците на највисока пензија, околу 3.700 денари плус. Пензионерите, пак, со најниски пензии добиваат само 700 денари.

Слични содржини