Мали инциденти се случија на протестот на студентите во центарот на Атина кога се обидоа да го пробијат полицискиот блок, а полицијата одговори со солзавец и шок бомби при што беше повредено едно лице, jави дописничката на МИА од Атина.
Од партијата МЕРА25 на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис, велат дека повредениот студент е член на нивниот подмладок.
-Член на нашиот подмладок, кој учествуваше во студентскиот протест, е сериозно повреден во главата од шок бомба, велат од партијата.
Пратеникот од МЕРА25, Јоргос Логиадис, вели дека ја осудува тактиката на владата и Министерството за цивилна заштита „во справувањето со мирните протести на студентите“.
Студентите во Грција протестираат против одредбите од Министерството за образование на Грција вклучени во нацрт законот што денес ќе се гласа во Парламентот, а се однесуваат, меѓу другото на промени во постдипломските студии, изедначување на дипломите од приватните колеџи со оние од Универзитетите, но протестираа и против укинатиот студентски имунитет.