Протест поради одземени возила, блокиран патот Битола–Ресен

Регионалниот пат Битола–Ресен беше привремено блокиран попладнево по протест на група граѓани, кои изразија незадоволство од одземањето на нивните возила поради управување без возачка дозвола.

од desk4
22 прегледи

Регионалниот пат Битола–Ресен беше привремено блокиран попладнево по протест на група граѓани, кои изразија незадоволство од одземањето на нивните возила поради управување без возачка дозвола.

Протестот се одвивал со палење отпад и пластика на коловозот, поради што сообраќајот на оваа фреквентна делница беше прекинат на одреден период. Густ чад од запалениот материјал се ширел и бил видлив од поголема оддалеченост, што дополнително ја загрозило безбедноста во сообраќајот.

Присутните граѓани извикувале пароли како „нема правда, нема мир“ и „бараме правда“, а дел од нив јавно негодувале поради вредноста на одземените автомобили. На видеоснимки кои кружат на социјалните мрежи може да се слушнат и изјави од типот: „Кола од 5.000 евра ми земавте“.

Според неофицијални информации, повод за протестот се мерките што произлегоа од последните измени на Законот за прекршоци, со кои се предвидува одземање на возилата од лица кои управуваат без положен возачки испит. Дел од демонстрантите тврдат дека се дискриминирани, наведувајќи дека немаат можност да полагаат возачки испит поради незавршено образование.

На терен биле присутни полициски службеници кои ја следеле состојбата и го обезбедувале просторот. Засега нема официјални информации за приведени лица, ниту за тоа колку траела блокадата и дали ќе бидат преземени дополнителни мерки од надлежните институции.