Протест за убиеното куче

од Vladimir Zorba
91 прегледи

Трагите од крв се сè уште видливи на местото каде се случи горзоморниот чин со убиството на кучето. Со извиците „Убиец!, Затвор!“,  „Кој посегнал да убие куче, утре ќе убие и дете“, денеска пред куќата на сторителот, граѓаните во знак на револт се собраа на протест.
Актерот Висар Вишка кој во текот на вчерашниот ден бил сведок на немилиот настан и чие видео од немилиот настан набрзо беше споделувано по социјалните мрежи, сведочи дека местото често го посетувал со неговиот син, а сето тоа се случило за неколку секунди.
„Одеднаш гледаме како еден човек поминува со секира. Во тој момент, секунди се во прашање, си помислуваш каде би можел да оди човекот, да сече некое жбунче или мало дрвце. И одеднаш замавна надоле и тогаш приметив дека тука пред нас лежи куче и замавна директно со секирата по глава. Се заглави секирата, ја повлече, па уште еднаш замавна и кучето започна да цивка“, изјави Висар Вишка.
Во меѓувреме, се огласи и сторителот на делото, Симе Христовски, кој вели дека е свесен за неговото дели, и дека се срами од истото, но дека кучето често знаело да го нападне него и членовите на неговото семејство.
„Вчера беше нападнат мојот 86 годишен татко, при што беше изгризан на десната нога и заврши на инфективно. При сите напади кои се случуваат на нашата улица „Пиринска“, пред кафичот Радиобар од присутните никој не се потруди да помогне, туку сите гледаа сеир, како ништо да не се случило. Кога дознав дека татко ми е во болница со мојот брат, многу се изнервирав и вознемирив, бидејки помислив дека кучето може да ги нападне и нашите деца. Во таква состојба го извршив делото од кое сега се срамам.Се прашувам само дали до ова ќе дојдеше ако не затаија одговорните служби.“ – изјави Христовски.
Од Анима Мунди кои денеска беа присутни на протестот ги повикаа властите да реагираат бидејќи, велат, мора да се стави крај на ваквото насилство и да се покаже пример за сите останати.
„Овде сме да порачаме дека нема да се откажеме од правдата, ќе бараме максимална казна, не смееме да дозволиме психопати да се шетаат помеѓу граѓаните бидејќи овој човек што вчера си дозволил со секира во сред бел ден да му ја откине главата на кучето, верувајте дека е спремен на било кој од вас во сред бел ден да ви ја откине главата само затоа што можеби не му се допаѓате“,  изјави Столе Велковски, Анима Мунди.
Граѓаните, пак, сведочат дека кучето кое го викале Идриз било миленик на локалните минувачи и жители кои велат дека бил добронамерен и млад пес, кој никому не му пречел.