Протести во Романија поради најавата за нови ограничувања во борбата против коронавирусот

од Nikola Popovski

Повеќе од 5.000 демонстранти протестираа во Букурешт поради новите ограничувања што ги објави владата, со надеж дека ќе го спречат ширењето на инфекцијата со коронавирус.

Во последниот месец, бројот на заразени лица во Романија се зголеми од 1.000 случаи дневно на рекордни 12.590, како што беше соопштено денес.

Болниците се под голем притисок поради големиот број заразени лица, а единиците за интензивна нега речиси ги пополнија капацитетите низ целата земја.

Властите рекоа дека ќе се воведат нови ограничувања доколку стапката на инфекција во дадена област е повисока од шест на 1.000 жители во период од 14 дена. Стапката на инфекција во Букурешт денес е осум на 1.000 жители.

Демонстрантите без маски го блокираа сообраќајот и извикуваа „Слобода!“, носејќи транспаренти на кои пишува „Зелените сертификати се диктатура“.

Протестот беше организиран од романската крајно десничарска партија АУР.

Новите ограничувања, кои треба да стапат на сила во следните неколку дена, пропишуваат носење маски на јавни места и затворање на продавниците во 22 часот. Рестораните ќе можат да примаат гости само со ковид-потврди до половина капацитет.

Слични содржини