Во САД одбележана е првата годишнина од масовното пукање во Лас Вегас (1 октомври 2017), во кое загинаа 58 лица.

Додека на небото летаа бели гулаби, секој носејќи го името на една од 58-те жртви, во раните утрински часови се собраа нивните најблиски во спомен на убиените во најголемото масовно пукање во современата историја на Америка.
На комеморативната служба гувернерот Брајан Сандовал ги охрабри своите сограѓани во нивната борба за закрепнување од траумите.
Истрагата покажа дека напаѓачот Стивен Падок (64) од балконот на својата соба на 32. кат од хотелот „Мандалај беј“ испукал повеќе од 1 100 куршуми во толпата од 22 000 луѓе кои присуствувале на музички фестивал организиран недалеку од хотелот. Во пукањето беа повредени над 800 луѓе. Падок се самоуби пред полицијата да упадне во неговата соба.
Една година подоцна се собраа пријатели и членови на семејствата на жртвите на тажна церемонија, на која со наведнати глави оддадоа почит со едноминутен молк, по што хор ја отпеа песната You’ll Never Walk Alone.
„На први октомври минатата година нашиот град потона во мрак“, рече на церемонијата Мјанда Смит, чија сестра Нејса Тонкс, 46-годишна мајка на три деца, e меѓу жртвите на овој страшен масакр.