Во петок, на 18 декември, со почеток во 20 часот, во Музејот на град Скопје, македонскиот академски сликар Крунислав Стојановски, кој речиси 30 години живее и работи во Загреб, ќе ја отвори својата прва ретроспективна изложба насловена како „Циклуси“. Со оваа постановка тој одбележува 20 години творечка работа. Авторот за првпат во својот роден град се претставува со најголемиот број дела од неговиот целокупен минат труд. На изложбата ќе бидат претставени слики поделени во осум творечки циклуси.

На изложбата во Скопје, ќе бидат прикажани голем дел од 400те слики, кои се донесени од Загреб. Селекцијата ја направија Соња Абаџиева, нашата ценета историчарка по уметност и самиот автор. Сликите се поделени во 8 циклуси, на кои авторот работи во континуитет низ
дваесет години. Најголемиот дел од нив се со експресивен карактер.
„Оваа изложба ми е од најголемо значење, затоа што е моја прва голема сликарска постановка во мојот роден град. Ова е ретка можност да се види добар дел од моето творештво, особено сликарскиот сегмент, на кој редовно му се навраќам, и физички и низ своите дела, зошто во сликите лесно се чита македонскиот ген и константната носталгија“ вели авторот Стојановски.