Првите амнестирани затвореници се очекува денеска да ги напуштат затворите. Според информациите, целата документација на осудените лица до денеска веќе би требало да биде доставена до судовите.

Од Кривичниот суд претходно информираа дека се формирани повеќе кривични совети кои одлучуваат по барањата за амнестија. Од скопска единица рекоа дека се очекуваат околу 1.500 решенија.
Со Законот за амнестија кој беше донесен на 15 јануари целосно ослободување од затвор ќе добијат околу 800 лица, додека намалување на казната за 30 проценти ќе опфати над три илјади осуденици. Законот не предвидува амнестија за сторителите на убиство, кривични дела за силување, избори и кривични дела против државата.