Претседателот на Чешка, Петр Павел, во интервју за Би-Би-Си порача дека привремена руска окупација на украинските територии би можела да биде шанса за опстанок на Украина како суверена држава.
Истовремено тој нагласува дека тие окупирани подрачја никогаш не би ги признал како руски. Според него, за решение на судирот најмногу би придонело засилувањето на економскиот притисок врз Москва.
„Сметам дека, и покрај сета западна поддршка, Украина во овој момент не е способна да ги ослободи окупираните подрачја без значителни загуби на човечки животи. Сакаме да преживее како независна, суверена држава. Ако цената за нејзиниот опстанок е помирување со фактот дека дел од територијата ќе биде привремено окупиран, нека биде“, порача чешкиот претседател.
Меѓутоа, нагласи тој, тие подрачја никогаш правно не би ги признал како дел од Руската Федерација.
„Ако го согледаме тоа од аспект на човечката правда, тешко е тоа да се прифати, но исто така, живеме во реалноста. Кои алтернативи заедно со Украина ги имаме? Ќе се бориме ли до недоглед со Русија“, прашува Павел.
Сепак, тој не е за прекин на воената поддршка на Украина, но нагласи дека не може да гарантира продолжување на поддршката од Чешка, бидејќи наесен таму ќе се одржат парламентарни избори и веројатно ќе дојде до смена на власта.
„Не можам да кажам сега кои ќе бидат приоритетите на новата влада“, вели чешкиот претседател.