Психолог: Строгоста на родителите може да му наштети на менталното здравје на детето

од Stefanija Kuzmanovska
249 прегледи

Строгите родители би можеле да предизвикаат големи проблеми кога станува збор за менталното здравје на нивните деца, покажува ново истражување.

Истражувачки тим од Флорида открил дека родителите, од првенствено добри намери, им го ускратувале на своите деца потребното време да си играат и самостојно да учествуваат во различни активности.

Во голема анализа која опфатила дури 80 студии, научниците откриле дека на децата им се дава помалку време за самостојна игра од 1970-тите, што одговара на наглото зголемување на депресијата и анксиозноста кај помалите деца во тој период.

Недостатокот на независна игра ги лишува децата од можноста да градат карактер кој би можел да се справи со животните стресови, кој е директен извор на среќа, велат истражувачите.

„Родителите денес се премногу подложни на пораки за опасностите кои би можеле да ги снајдат децата. Но, всушност, слободата е токму она што им е потребно за да пораснат во добро приспособени и успешни личности способни да се грижат за себе. Исто така, како што растат децата, има се повеќе можности за самостојни активности кои родителите кои применуваат строго родителство често ги ускратуваат, што, меѓу другото, влијае и на нивното ментално здравје“, вели д-р Дејвид Бјоркланд, психолог од Флорида Атлантик Универзитетот кој го водел истражувањето.

Тој исто така додаде дека „децата треба да се научат поефикасно да се справуваат со реалниот свет“.

Во мета-анализата објавена во Journal of Pediatrics, истражувачите откриле дека децата сега се воспитуваат со помалку време за играње.

Како што објаснија тие, САД се соочуваат со експлозија во проблемите со менталното здравје кај младите луѓе, при што стапките на анксиозност и депресија достигнуваат највисоки нивоа досега.

Слични содржини