Психологот Кабранова за трагедијата во Тафталиџе: Во тие моменти разумот се „стеснува“ а единствена цел е да се избегне неподносливоста на непријатните емоции

-Секој од нас да почне да повикува на одговорност во своето опкружување и да не се повлекува пред верувањето „сè е залудно“, вели Кабранова за „Локално“

од Nikola Popovski
33 прегледи Фото: Социјални мрежи/Креатива Локално

Уапсен Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана и татко на Катја чиј живот згасна по пад од зграда во скопско Тафталиџе. Се подготвуваат кривични пријави против него. Нема да му бидат први во полициското досие. И кобниот ден претходела расправија, која веќе ја имала во минатото. Интервенирала полицијата, но жената негирала семејно насилство. Рекла дека е недоразбирање и дека брачните односи ќе ги решава преку развод по институционален пат.

Трагедијата во скопската населба Тафталиџе, предизвика силни реакции во јавноста и на социјалните мрежи. Се поставува прашањето колку страв се крие зад тивкото „добро сум“ и до која состојба треба да биде дојдено за една личност да се одлучи за таков потег во очај? Дел од психолозите велат дека мајката и ќерката „не паднаа од балконот туку беа поттурнати поради негрижата на институциите и нефункционалноста на системот“. Друг дел од експертската јавност не сакаат да избрзуваат со своја анализа поради тоа што се води истрага, но и поради сензитивноста на случајот. Од друга страна, според Елена Кабранова, постапката на мајката зборува дека таа била во лоша психичка состојба. Вели дека „веројатно чувствувала дека се наоѓа во безизлезна ситуација, била во очај, беспомошност…“.

-Не гледала друго решение за да се спаси од болката. Да се одзеде сопствениот живот и уште повеќе животот на своето дете не е ситуација која ја гледаме често. Во тие моменти разумот се „стеснува“, а единствена цел е да се избегне неподносливоста на непријатните емоции, вели психологот во изјава за „Локално“.

Елена Кабранова – Фото: Фејсбук

Кабранова сака да верува дека еден ден ќе се случат промени во нашето општество, иако веќе предолго ги очекуваме.

-Функционирањето на институциите е возможно, ние гледаме примери околу нас каде што државата функцинира во интерес на граѓаните и постои високо ниво на индивидуална и колективна одговорност. Не би сакала луѓето да не изгубат надеж, иако станува тешко. Можеби треба секој од нас да почне да повикува на одговорност во своето опкружување и да не се повлекува пред верувањето дека „Сè е залудно“, објаснува психологот.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара истрага за постапувањето на сите институции во случајот, вклучително и проверка дали постоеле пријави и сознанија, но и дали се преземени мерки. Понатаму, бара суспензија на сите службени лица вклучени во постапување, сѐ до завршување на истрагата.

„Бараме соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност и затворски казни за службени лица од МВР, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции каде што ќе се утврди дека морале, а не презеле мерки за заштита и/или дека пропустот придонел за фатален исход. Бараме најстроги казни за сторителот на насилство. Бараме итна ревизија на проценките на ризик и механизмите за заштита на жртвите на семејно насилство, како и на практиките за форензичко постапување и истраги во случаи на сомнителна смрт. Животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила“, се вели во реакцијата за случајот што влезе во фокусот на јавноста.

Оваа трагедија не е изолиран случај. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство. Според податоците на Еуростат за 2023 година, Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно.

Се бара лоцирање на одговорноста и одговори од институциите – кој се има потфрлено. По трагедијата, Министерството за труд и социјална политика врши вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи. Според првичните информации – починатата и сопругот првпат се евидентирани лани во октомври, додека пак, на 2-ри февруари до нив е примен допис од МВР за физички напад врз сопругата.

Според податоците на МВР за семејно насилство во 2026-та година има 28 кривични пријави, а досега 12 се спроведени и одредени се 5 притвори.

Во организација на неколку иницијативи и граѓански здруженија, и годинава ќе се одржи протестен марш по повод 8 март Меѓународниот ден на жената. Маршот ќе тргне од паркот Жена Борец а ќе заврши кај столбот на украдената биста на Вера Јоциќ во Градскиот парк. Оваа година маршот ќе се одвива под слоганот „Нема да не снема“ кој ја изразува непоколебливата и нужна борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност.

Н.П.