Фудбалерите на Пари Сен Жермен и Баерн ќе го одиграат последниот натпревар од Лигата на шампионите со почеток во 21 часот на стадионот „Луж“ во Лисабон.
Многу е кажано за двајцата ривали, кои стигнаа до финалниот дуел на стадионот на Бенфика на импресивен начин.
Она што е индикативно е дека ова е прво големо финале за парижаните во ова натпреварување, а Баерн го освои пехарот пет пати, губеше во ист број на финалиња, две од нив во последната деценија.
Тренерот на Пари Сен Жермен, Томас Тухел свесен е за силата на својот вечерашен противник.
„Баерн има предност затоа што тие се навикнати да играат дуели како овој. Тие се одличен клуб, не е мала предност, но не е ниту пресудна. Голем предизвик е да се игра со Баерн, но мислам дека заслуживме да бидеме во финалето. Знам дека ќе биде исклучително тешко, затоа што тие имаат силен индивидуален квалитет, но секогаш имате простор и решенија. Мора да најдеме идеална мешавина помеѓу играње без страв, со многу самодоверба и создавање можности“, вели парискиот стратег.
Тој рече дека нема да промени многу.
„Финалето не е време за големи промени, ние се подготвуваме како за Дортмунд, Аталанта и Лајпциг. Марко Верати и Идриза Гај тренираат последните неколку дена и двајцата се во игра. Тешко е да се каже за Кејлор Навас, тој ќе се обиде, но ние ќе донесеме одлука подоцна. Верати може да игра, но со болка. Ќе решиме дали ќе започне или ќе го чувам за подоцна“, додаде Тухел.
Неговиот колега Ханси Флик вели дека го знае патот за постигнување на конечната цел.
„Нашиот стил е дефиниран со придвижување на тимските линии напред. Важно е да се концентрираме на притисокот врз противникот. Ги анализиравме натпреварите со Барселона и Лион, клучно е да не им се дозволи простор за додавање. Тие имаат врвни играчи и тоа ќе биде интересен натпревар, но ние ќе се држиме до нашата филозофија“, вети Флик.
Натпреварот, како и сите на завршниот турнир во Португалија, се игра без присуство на публиката.
Двете екипи последен пат се сретнаа во ЛШ во групната фаза во 2017 година. Беше 3-0 за ПСЖ во Париз, додека Баерн славеше на домашен терен во декември истата година со 3:1.
Судењето во финалето му е доверено на Италијанецот Даниеле Орсато.