Пуштен во употреба целосно изградениот експресен пат Штип – Кочани

од Vladimir Zorba
190 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за Државни патишта, Ејуп Рустеми денеска присуствуваа и говореа на настан по повод пуштањето во употреба на делницата Крупиште – Кочани од експресниот пат Штип – Кочани.

„Изградбата на нови патишта, подобра и модерна инфраструктура и инвестирањето во капитални објекти со кои се подобрува квалитетот на животот на граѓаните и се обезбедуваат подобри услови за работа на компаниите е врвен приоритет на Владата. Денеска пуштаме во употреба токму ваква значајна инвестиција за целиот Источен регион од државата, односно делницата Крупиште Кочани од експресниот пат Штип – Кочани. Со оваа инвестиција уште еднаш ги потврдуваме нашите заложби за рамномномерен развој на целата држава и обезбедување на подобра конекција помеѓу градовите.

Со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што го забрзуваме и олеснуваме патувањето за граѓаните од овој крај. Се намалуваат километрите пат и времетраењето на патувањето, но најважно од сѐ се зголеми безбедноста во сообраќајот”, рече премиерот Ковачевски.

Министерот Бочварски истакна дека со новиот експресен пат овој регион кој претходно беше заборавен, денеска се создава регион на просперитет, регион на нови инвестиции, на нови работни места, подобро, модерно и безбедно место за живеење за граѓаните.

„И овој експресен пат е само еден доказ за тоа, изградивме модерно патно решение од Штип до Кочани со кое го подигнавме нивото на безбедност во сообраќајот на максимум.

Ако пред пет години од Кочани до Скопје се патуваше за еден час и 40 минути, денеска патувањето е намалено на помалку од еден час со поголема безбедност”, рече министерот Бочварски.

Директорот на ЈП за Државни патишта, Рустеми истакна дека експресниот пат кој од денеска е пуштен официјално во употреба е во должина од 13, 5 километри.

„Експресниот пат е со висок квалитет на градба. Ширина на патот е 11,4 метри и има четири ленти, и тоа по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по два метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат е 110 километри на час. Дозволете во оваа прилика да им заблагодарам на изведувачот на градежните работи, „Синохидро” од Р. Кина, и надзор – „Патинвест инженеринг” АД Софија од Р. Бугарија за успешно завршената работа.

Со ова ја комплетиравме целата патна врска од Штип до Кочани во должина од 28 километри за што вкупно инвестиравме 47 милиони евра”, рече Рустеми.

Слични содржини