Пуштена во употреба новата полициска станица во Бутел

На настанот, Тошковски истакна дека со заеднички напори на Владата, Општина Бутел и Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади, за релативно краток временски период се обезбедени значително подобри услови за работа на полициските службеници, како и поквалитетни услуги за граѓаните.

од Vladimir Zorba
22 прегледи Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски, денеска ја посетија Единицата за внатрешни работи Чаир – Полициска станица од општа надлежност Бутел, по повод пуштањето во употреба на новиот објект на оваа организациска единица при СВР Скопје, кој се наоѓа во кругот на Јавната установа „25 Мај“ во Бутел.

На настанот, Тошковски истакна дека со заеднички напори на Владата, Општина Бутел и Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади, за релативно краток временски период се обезбедени значително подобри услови за работа на полициските службеници, како и поквалитетни услуги за граѓаните.

„Со минимални финансиски вложувања и со искористување на постојни, но неискористени капацитети, успеавме да решиме повеќе долгогодишни проблеми. Полициските службеници добиваат пристојни и достоинствени услови за работа, а граѓаните на Општина Бутел добиваат нови управни и институционални простории за остварување на своите права“, нагласи министерот.

Тој посочи дека стариот, дотраен и нелегален објект во кој повеќе од три децении функционирала полициската станица ќе биде срушен, а на негово место, согласно проектната документација подготвена од Општина Бутел, ќе биде уреден јавен простор со парк, плоштад и културен дом.

Тошковски порача дека ваквиот пристап – рационално користење на ресурсите и меѓуинституционална соработка – ќе продолжи и во иднина, со цел подобрување на условите за работа на полицијата и унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.