„Путин би можел да го нападне НАТО за пет до осум години“

од Vladimir Zorba
374 прегледи

Сè повоинствениот руски претседател Владимир Путин би можел да го нападне НАТО за помалку од една деценија, предупреди германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

„Речиси секој ден слушаме закани од Кремљ… затоа мораме да земеме предвид дека Владимир Путин еден ден би можел дури и да нападне една од членките на НАТО“, изјави Писториус за германскиот весник Der Tagesspiegel во интервју објавено во петокот.

Иако рускиот напад е малку веројатен „засега“, министерот додаде: „Нашите експерти веруваат дека во период од пет до осум години тоа би можело да биде можно“.

По започнувањето на инвазијата на Украина, Русија ја засили својата агресивна реторика кон некои од нејзините соседи – вклучително и балтичките земји и членката на НАТО Полска и Молдавија – што ги поттикна највисоките европски претставници на одбраната да предупредат на ризикот од голем конфликт, пишува „Политико“.

На почетокот на овој месец, врховниот командант на Шведска, генерал Микаел Биден, ги повика Швеѓаните „ментално да се подготват“ за војна. Истиот ден, шведскиот министер за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин исто така предупреди дека „војната може да дојде во Шведска“.

Во своето интервју за Der Tagesspiegel, Писториус рече дека предупредувањата на Шведска се „разбирливи од скандинавска перспектива“, додавајќи дека земјата се соочува со „посериозна ситуација“ со оглед на нејзината близина до Русија. Покрај тоа, таа се уште не е членка на НАТО, но чека одобрение од Турција и Унгарија за пристапување.

„Но, треба да научиме повторно да живееме со опасностите и да се подготвиме – воено, социјално и во однос на цивилната одбрана“, предупреди Писториус.

Слични содржини