Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска разговараа за билатералната соработка на маргините на Самитот „Појас и пат“ во Пекинг. Двајцата лидери разговарале за соработка во областа на испораката на нафта и гас, како и во областа на нуклеарната енергија, изјави за унгарската агенција МТИ шефот на прес-службата на Орбан, Берталан Хаваши.
Според него, Орбан ја истакнал важноста од зачувување на мирот и навел дека запирањето на протокот на бегалци, санкциите и борбите е од клучно значење за целиот континент, вклучително и Унгарија.
„И покрај тоа што во денешните геополитички услови можностите за одржување контакти и развој на односите се многу ограничени, тоа не може а да не предизвика задоволство што нашите односи со многу европски земји се одржуваат и се развиваат. Една од тие земји е Унгарија“, изјави рускиот лидер, пренесува РИА Новости.
Орбан истакна дека официјална Будимпешта никогаш не сакала да влезе во конфронтација со официјална Москва, пренесува руската агенција.
„Имало тешки состаноци, но никогаш толку тешки како овој бидејќи никогаш порано не сме биле во ваква тешка ситуација. Унгарија никогаш не сакаше да се судри со Русија, напротив, целта на Унгарија отсекогаш била да воспостави и да ги прошири најдобрите меѓусебни контакти и ние бевме успешни во тоа“, рече Орбан, додавајќи дека неговата земја се обидува да „зачува се што е можно во рамките на билатерални контакти“ и дека е заинтересирана за продолжување на економската соработка „се додека тоа е можно“.
Путин го привлече вниманието на намалувањето на трговскиот промет за 35 отсто во првите седум месеци од оваа година и предложи да се размислува како тој тренд може да се промени, а Орбан им се заблагодари на руските компании „Росатом“ и „Гаспром“ за нивното партнерство и исполнување на договорените обврски, пренесува Танјуг.