Путин ќе се извлече и со Навални – затоа што Западот секогаш ги затвора очите

од Vladimir Zorba
329 прегледи

Зошто Западот сега молчи за труењето на Алексеј Навални?

Сега тоа е потврден факт од лабораториите во Германија, Франција и Шведска – Алексеј Навални беше отруен од „новичок“, нервен агенс од советско производство. Овој моќен отров, кој претходно се користеше барем еднаш за да се ликвидира не еден од толку многуте непријатели на рускиот режим, овој пат беше искористен за атентат врз лидерот на руската опозиција кој откри корупција и му наштети на Кремљ, пишува „Њујорк Тајмс“. Затоа е потребно решително да се реагира.

Сепак, не само што многу прашања не се одговорени, туку веројатно нема да бидат разјаснети ниту во иднина. Главното прашање е дали рускиот претседател Владимир Путин го нарачал или го одобрил обидот за атентат. Потоа, тука е и фактот дека жртвата го преживеала нападот и дека кај неа е пронајден смртоносниот нервен агенс.

Навални се качил на летот од Сибир кон Москва кога му се слошило. Дали неговите напаѓачи – поточно трујачи – сакаа тој да умре попат? Или нивната намера беше од самиот почеток да послужи како брутално предупредување за тоа што ќе се случи со оние што ќе се осмелат да му се спротивстават на Кремљ?

Навални преживеа во голем дел благодарение на вештината и агилноста на пилотот кој навремено го спушти авионот. По неколку круга „натегања“, руската влада дозволи Навални да биде префрлен во Германија на понатамошно лекување. Неговите соработници, кога им беше кажано што се случило, брзо собраа се што можеа од хотелот каде што престојуваше Навални во Сибир и ги испратија сите докази во Германија.

Тогаш германските лекари го потврдија присуството на „новичок“ на шише вода од хотелската соба.

Каква и да е вистината, пишува „Тајмс“, руската влада се постави како жртва на неоправдани сомневања, што само потврдува дека е потребно да се побара од Кремљ да преземе одговорност.

Путин знае што се случило – или барем може да открие – и ако продолжи да се крие зад мамење и негирање, пишува „Тајмс“, тој само ќе ги зајакне сомневањата дека овој напад бил многу намерен, планиран и под контрола на државата. Путин има најсилен мотив, најголеми средства и најдобра можност за тоа.

Дури и ако нападот врз Навални е операција која беше решена на пониско ниво, овој вид на обид за атентат секако отвора нови погледи. Тешко е да се надмине дрскоста што беше неопходна за напад на двајца руски агенти во Англија, Сергеј Скрипал и Александар Литвиненко, но Навални не беше шпион.

Навални е најпознатиот и највидлив политички противник на Путин. Неговите излагања за корупцијата на руските функционери – меѓу нив најпозната е и онаа за екстравагантниот имот на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев – беа широко споделени и беа, пред сè, детални и веродостојни. Оние што се обиделе да го убијат Навални морале да знаат – и да не се грижат – дека нападот врз него може да се толкува само како обид да се замолчи моќниот политички глас.

Уште позачудувачка е одлуката за употреба на забранет руски отров против руски политичари, на руско тло. Напаѓачите исто така знаеја дека „новичок“ е пронајден при нападот на Скрипал и дека употребата на овој агенс го крши меѓународното право.

Русија е потписник на Конвенцијата за забрана за употреба на хемиско оружје, а откако Германија утврди дека Навални е отруен, Организацијата за забрана на хемиско оружје издаде соопштение во кое се повикува на конвенцијата во која се вели дека „секое труење на поединец од нервен агенс се смета за хемиско оружје“.

Тоа, во најмала рака, ја обврзува Русија да утврди како се користи добро познатиот „новичок“ среде земјата.

Путин сигурно верува дека Западот не може да стори повеќе, по воведувањето санкции. Претседателот на САД, Доналд Трамп, од причини што остануваат една од најголемите мистерии на неговата администрација, претежно затвора очи на сериските престапи на Путин, без разлика дали тој се меша во изборите во САД, го анектира Крим или се прави дека не знае ништо за труење со дисиденти.

Најконкретна реакција на Европа би била суспендирање на „Северен тек 2“, гасовод кој се протега од Русија до Германија под Балтикот, но проектот е скоро завршен и германската канцеларка Ангела Меркел не сака да преземе чекори што скапо ќе ја чинат Европа. Во исто време, тие би изгледале како потчинување на заканите на администрацијата на Трамп, која бараше да се запре изградбата на гасоводот.

Путин, заклучува „Тајмс“, очигледно има намера да го помине остатокот од својот живот на чело на Русија и покажува сè помалку интерес за човековите права и владеењето на правото. Затоа е потребно Западот да го повика на одговорност за обидот за убиство на човек, кого го доживува како проблем.

Режим подготвен да употреби забрането хемиско оружје против сопствените граѓани е опасност и закана и за остатокот од светот, а тоа треба да им биде јасно на Путин и неговите соучесници.

Слични содржини