Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата средба со Доналд Трамп, која, според Кремљ е предвидена за следниве денови, би можела да се случи во Обединетите Арапски Емирати, истовремено отфрлајќи ја идејата за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски
„Имаме многу пријатели кои се подготвени да ни помогнат да организираме ваков вид настан. Еден од нив е челникот на Обединетите Арапски Емирати… Тоа би било едно од соодветните места“, изјави Путин за новинарите, обраќајќи се заедно со претседателот на Емиратите, Мохамед Бин Зајед, кому му беше домаќин во Кремљ.
Путин, исто така, рече дека не се постигнати услови за неговата средба со украинскиот претседател Зеленски, кој инсистира на самит со рускиот лидер.
„Немам ништо против тоа во принцип, тоа е можно, но за тоа треба да се исполнат некои услови. Значи, за жал, ние сѐ уште сме далеку од овие услови“, рече Путин.
Кремљ во четвртокот соопшти дека во наредните денови е предвидена средба меѓу Путин и Трамп, отфрлајќи го засега тројниот самит со Зеленски, кој инсистира да преговара директно со рускиот претседател.
Трамп, исто така, во средата спомена дека состанокот со Путин може да се одржи „наскоро“, што би било прв пат да се сретнат со рускиот претседател откако Трамп се врати во Белата Куќа во јануари. Трамп ги обнови односите со Путин со надеж дека брзо ќе се стави крај на руската офанзива врз Украина, која започна во 2022 година, но во последните седмици е сѐ понервозен, оти тоа не се случува. Тој ѝ даде ултиматум на Русија, кој истекува утре, барајќи да постигне договор со Украина или да се соочи со сериозни санкции.
„На предлог на американската страна, во суштина, беше постигнат договор за одржување билатерална средба на највисоко ниво во наредните денови, односно состанок на претседателот Владимир Путин и Доналд Трамп“, рече помошникот за надворешна политика во Кремљ, Јуриј Ушаков.
Според него, оваа средба би можела да се одржи „следната седмица“, а локацијата, за која рече дека ќе биде објавена подоцна, била договорена „во принцип“ меѓу двете страни.
„Важно е оваа средба да биде плодна и продуктивна“, истакна тој. Москва во моментов не размислува за тристрана средба меѓу Трамп, Путин и Зеленски, формат предложен од Вашингтон, додаде Ушаков.