Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека постои можност рускиот претседател Владимир Путин да ја посети Турција на 27-ми април.
Како што истакна, Путин ќе учествува на церемонијата на полнење гориво на нуклеарната централа „Акуја“.
„Проектот за изградба на нуклеарната централа „Акуја“ успешно се реализира. Постои можност господинот Путин да дојде во Турција на церемонијата на 27 април. Можеби заедно ќе учествуваме во онлајн формат“, објаснил турскиот лидер во интервју за ТВ Хабер.
Тој посочил дека Турција нема да дозволи Западот да го вовлече во војна против Русија.
Меѓународниот кривичен суд во Хаг, да потсетиме, издаде налог за апсење на претседателот на Русија, Владимир Путин, за воени злосторства.
Тоа во моментов не треба многу да го загрижува Путин, имајќи предвид дека МКС нема овластување да апси осомничени и може да врши јурисдикција само во земјите што го потпишале договорот со кој е основан судот, познат како Римски статут. Русија не е потписник на тој договор.
Сепак, МКС се потпира на државите ширум светот за да помогнат во апсењето и префрлањето на осомничените во Хаг.
Оваа потерница го направи Путин меѓународно барано лице и ќе го отежне неговото патување бидејќи тој мора да избегнува која било земја што го потпишала договорот за МКС, бидејќи секоја земја потписничка е должна да го уапси секој што ќе биде обвинет од судот.
Според веб-страницата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, 123 држави се потписнички на Римскиот статут на МКС.
Меѓу овие земји ја нема Турција.