Путин нареди прекин на огнот за Божиќ

од Nikola Popovski
175 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин му наредил на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да прогласи прекин на огнот долж целата линија на фронтот во Украина од 6-ти јануари напладне по московско време до полноќ на 7-ти јануари, пишува весникот „Известија“.

„Имајќи го предвид обраќањето на Неговата Светост Патријархот Кирил, му наредувам на министерот за одбрана на Руската Федерација да воведе режим на прекин на огнот долж целата разделна линија во Украина од 12:00 часот на 6 јануари до 24:00 часот на 7 јануари, се вели во соопштението“, пренесува „Спутник“.

Путин, исто така, ја повика украинската страна да прогласи прекин на огнот за да им овозможи на верниците да присуствуваат на богослужбите на Бадник и Божиќ.

Претходно, патријархот московски и на цела Русија Кирил повика на божиќно примирје.

„Јас, Кирил, патријарх московски и на цела Русија, им се обраќам на сите инволвирани страни во меѓусебниот конфликт, апелирајќи за прекин на огнот и воспоставување божиќно примирје од 12:00 часот на 6 јануари до 24:00 часот на 7 јануари, за да православниот народ може да присуствува на богослужбата на Божиќ и на денот на Христовото раѓање“, порачал тој.

Православната црква на Украина минатата година за прв пат им дозволи на православните верници да го прослават Божиќ на 25-ти декември.

Во 2018 година, Православната црква на Украина се отцепи од Украинската православна црква (УПЦ), која се смета за тесно поврзана со Москва и сега се соочува со повици за забрана, бидејќи се смета дека им помага на непријателите на земјата.

Надбискупот на Украинската православна црква Јевстратиј Зорија изјави за „Политико“ дека на луѓето им се остава избор кога сакаат да го прослават Божиќ, потсетувајќи дека основата за промена на датумот постои од 2017 година, кога 25 декември стана празник во Украина.

Слични содржини