Денес во 16:00 часот по централноевропско време, рускиот претседател Владимир Путин имаше телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, кој траеше повеќе од два часа. Разговорот се одвиваше во критичен момент за светската политика, со посебен фокус на ситуацијата во Украина.
По завршувањето на разговорот, Путин изјави пред медиумите дека повикот бил „значаен и искрен“. Тој додаде дека двете страни разговарале отворено и нагласи дека Русија е подготвена за прекин на воените дејствија, но само доколку се постигне соодветен договор.
„Борбите во Украина мора да престанат. Мора да се најдат патишта кон мир. Русија поддржува мирно решение. Ние и Украина мора да најдеме компромиси. Благодарен сум му на Трамп за продолжувањето на преговорите“, изјави Путин.
Претседателот Трамп, според изјавата на Путин, го изразил својот став за потребата од прекин на непријателствата и воспоставување прекин на огнот.
Разговорот се водеше од музичко училиште во Сочи
Интересен детал е што Путин се наоѓаше во музичко училиште во туристичкиот град Сочи додека го водеше разговорот со американскиот претседател. Рускиот лидер престојуваше во образовен центар, а за време на разговорот, главните руски телевизии директно ги коментираа случувањата.
Трамп разговараше и со Зеленски
Неколку минути пред разговорот со Путин, претседателот Трамп оствари и телефонски повик со украинскиот претседател Володимир Зеленски, според соопштение од украинското претседателство. Иако деталите не се објавени, очигледно е дека САД играат активна улога во посредувањето на можен мир.
Венс: „Дали си сериозен за мирот?“
Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави дека Трамп ќе го праша Путин дали е навистина сериозен во однос на постигнување мир во Украина.
„Постојат многу економски придобивки од одмрзнувањето на односите меѓу Русија и остатокот од светот. Но, тие нема да бидат достапни доколку продолжат нападите и убиствата на невини луѓе“, изјави Венс.
Можна средба? Засега не
Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, засега не се планира официјална средба лице в лице меѓу Путин и Трамп, но не ја исклучи можноста доколку двајцата лидери проценат дека тоа е неопходно. Тој додаде дека Русија ги цени напорите на САД за посредништво во конфликтот со Украина.
Во сенка на лоши вести
Пред разговорот, светските медиуми објавија дека поранешниот американски претседател Џо Бајден има дијагноза на рак на простата – вест што дополнително ја зголеми драматичноста на денешните дипломатски случувања.