Русија наводно планира да ги употреби борците на „Вагнер“ за да изврши инвазија на стратешки клучен појас кој се протега долж границата меѓу Полска и Литванија, јавуваат светските медиуми.
Пратеник на Путин на руската државна телевизија откри дека платеничките сили се подготвени да маршираат на бараната територија „за неколку часа“, потег што може да предизвика Трета светска војна.
Полските разузнавачки служби велат дека ја следат секоја можна закана од борците на „Вагнер“, а заменик-директорот на разузнавањето Станислав Зарин рече дека „досега може да ги има неколку стотици“.
„Полските служби ја следат ситуацијата за да знаеме колку борци на Вагнер ќе завршат во Белорусија“, изјави Зарин, пренесува британски „Телеграф“.
Коридорот Сувалки е долг околу 100 километри и се протега долж границата меѓу Полска и Литванија и е стратешки многу важен и за НАТО и за Русија.
За Западот, тоа е единствената копнена врска со трите поранешни советски републики – Литванија, Летонија и Естонија – на кои Путин може да им се закани доколку тензиите меѓу истокот и западот се влошат.
За Русија, контролата на овој коридор би обезбедила копнена врска со Калининград, главната база на балтичката флота на Путин.
„Јасно е дека Вагнер отишол во Белорусија за да ги обучи белоруските вооружени сили. Но, не само тоа. Постои место наречено коридор Сувалки. Ако нешто се случи, овој коридор навистина ќе ни треба. Вагнерските ударни сили во Белорусија се подготвени да го окупираат овој коридор за неколку часа“, изјави резервистот генерал-полковник Андреј Картаполов, сега заменик и претседател на комитетот за одбрана во рускиот парламент.
Неговиот план да ја заземе земјата со „ударна тупаница“ ќе ја погоди ретко населената територија која е означена како Ахилова пета и слаба точка на НАТО.
Бидејќи тоа би можело да биде „првата допирна точка“ во Третата светска војна, коридорот е означен како „најопасното место на земјата“.
Рускиот потег со „Вагнер“, најверојатно, ќе ја активира клаузулата 5 на НАТО, која ќе ја постави Алијансата против Русија.
Сепак, Полска брзо се вооружува поради заканата од Москва, а Германија трајно ќе распореди 4.000 војници во Литванија, бидејќи НАТО го зајакнува своето присуство во балтичките земји.
Последниот потег на Русија доаѓа помалку од 24 часа откако Путин рече дека Русија има „доволни залихи“ на касетна муниција и се закани дека ќе ги користи доколку Украина го распореди контроверзното оружје.
„До сега не сме го направиле тоа, не сме го користеле, немавме потреба“, рече Путин и додаде дека Русија нема да се двоуми да употреби касетна муниција доколку Украина го стори тоа.
Илјадници војници на „Вагнер“, наводно, пристигнале во Белорусија во последните денови. Денеска биле забележани повеќе војници во регионот на Липецк.