Би било прерано да се зборува за воен пораз на Русија. Но, Владимир Путин ја загуби гасната војна против Германија – тоа веќе може да се каже со сигурност. Бидејќи, пишува DW, Германија има најголем капацитет за складирање на природен гас во целата Европска унија. А кога во средината на јануари, во екот на грејната сезона се уште се полни 90 отсто, тоа значи: прекинот на снабдувањето со руски гас повеќе не е опасност.
Во времето на рускиот напад на Украина пред речиси 11 месеци, Германија покриваше повеќе од половина од своите потреби со гас од Русија. Затоа, за Москва, уценувањето на Германија беше сржта на економскиот притисок врз ЕУ, кој беше создаден со цел да ја поткопа европската поддршка за украинскиот народ и неговата армија.
Но, тој план не успеа. Германците не смрзнуваат во своите станови, не мора да затвораат фабрики. Дури и во официјален Берлин исчезна стравот дека Москва може да ја парализира Германија поради одмазда. Не, Сојузната Република се осамостои од јаглен и нафта од Русија во рамките на санкциите на ЕУ, а од крајот на август повеќе не добива природен гас од „Газпром“.
Со други зборови: Германците живеат веќе пет месеци без наводно суштински потребен руски гас – и се чини дека најголемата европска економија добро се справува со тоа. Додуша, сè уште се очекува рецесија, што не би било чудно со оглед на прекинот на синџирите на снабдување и експлозијата на цените на енергијата. Но, показателите продолжуваат да покажуваат дека најверојатно ќе биде благ пад. Па дури и рекордната инфлација забавува.
За тоа време Берлин ја зголемува воената поддршка за Киев, што може да се оцени како уште еден индиректен показател за неуспехот на „специјалната гасна операција“ на Путин. На почетокот на јануари – во Германија во тој момент складиштата за гас се веќе полни трета недела во низа, што е нетипично за овој период од годината – федералната влада се предомисли и одлучи да испрати оклопни возила во Украина. Може да следат тешки борбени тенкови – дискусијата моментално е во полн ек.
Потврда за деескалација на ситуацијата
Доказ за изгубената гасна војна на Путин се јасните потврди за смирување на ситуацијата, кои германската економија и населението ги добија истовремено од два извора – од државната регулаторна институција и од една економска асоцијација.
Прво, Федералната мрежна агенција официјално изјави: „Оваа зима сè помалку е веројатен недостиг на гас.“ Во интервју за весник, шефот на таа агенција, Клаус Милер, нагласи дека претпоставува дека флуктуациите на цената на гасот ќе завршат и дека тие ќе се стабилизираат на сегашното ниво. Тоа ниво, се разбира, сепак е значително повисоко од претходно, но во меѓувреме е многукратно пониско од рекордните вредности од минатото лето. Со овие цени германските производители кои трошат многу енергија може уште еднаш да работи на стабилизирање на ситуацијата, рече Милер.
Малку подоцна, Здружението на германски оператори за складирање на гас и водород INES на својата месечна прес-конференција ги презентираше сценаријата за 2023 година. Доколку се задржат нормалните временски услови, до крајот на оваа зима магацинот ќе биде зафатен 65 отсто, беше речено. Тоа би била исклучително удобна почетна ситуација за складирање во текот на летото, така што 100 проценти зафатеност би се достигнала веќе во септември.
Со други зборови, заклучува ДВ, професионалците им гарантираат на германските компании и домаќинства дека не треба да очекуваат проблеми со снабдувањето со гас ниту оваа зима, ниту следната зима. Под претпоставка дека „тековните заштеди на потрошувачите ќе останат на сегашното ниво“, објави INES.
„Газпром“ загуби голем пазар
Сепак, експертите на INES разработија и сценарио за најлош случај: значително заладување, достапноста на течен природен гас е драстично намалена поради многу големата побарувачка во Азија, Русија веднаш ги запира сите испораки на гас во Европа, што би довело до заеднички споделување на германските набавки со други членки на ЕУ -а. Но и во тој случај нема да има недостиг на гас во Германија ниту во оваа ниту во следната грејна сезона.
Сè на сè, сето ова е убедлива потврда дека Путин навистина ја загубил гасната војна. Германија влезе во 2023 година без руски гас, но и без страв од оваа загуба. Токму тука лежи поразот на Кремљ: рускиот природен гас повеќе не е соодветно оружје против Германија. Но, последиците од таа изгубена гасна војна се уште подалекусежни: државниот концерн „Газпром“ сега го загуби својот најважен странски пазар. Имено, пред една година, четвртина од вкупниот извоз одел во Германија.